Новинарот Мишко Иванов, член на Управниот одбор на ЗНМ, денеска поднесе неотповиклива оставка.
Сакам да соопштам дека поднесувам оставка од функцијата член на УО на ЗНМ. Без дa навлегувам во патетични образложенија, а поаѓајќи од мојот вредносен и морален дискурс и неможејќи да бидам нем сведок на бледите и безтематски соопштенија кои ги издава ЗНМ (а не ме амнестира и мене од одговорност) поднесувам неотповиклива оставка од местото член на УО на ЗНМ, особено после последните две соопштенија и изедначувањето на одговорноста.
Јас и понатаму останувам новинар кој е отворен и достапен за сите добронамерни сугестии на колегите новинари, се разбира доколку имаат потреба од тоа, напишал Иванов.
Оставката доаѓа по денешното соопштение во кое здружението информираше дека е разочарано од злоупотребата на медиумите од дневните весници Вест и Вечер за дискредитација на новинарите по полова припадност и сексуална ориентација, а таквото новинарство го нарече непрофесионално и неетичко со кое во очите на јавноста се омаловажуваат новинарите и новинарската професија.
И новинарот Владимир Тевчев, исто така член на Управниот одбор на ЗНМ, како член на УО на ЗНМ се изјаснил против денешното така формулирано соопштение. За оставка, Тевчев ќе размисли.
Извор – А1он