Македонски иселеници кои живеат во Kентаки, Америка имале несекојдневно пријатно изненадување кога посетиле село со Амиши во близина на Бовлинг Грин.
Амишите им се обратиле на македонски јазик – ,, сакаш прасенце, пипер, гајба парадајз,,. Нашинците разбрале дека многу македонски и иселеници од Србија пазаруваат здрава храна токму кај овие луѓе па така го научиле јазикот, односно научиле по неколку македонски и српски зборови па ги употребуваат со дојденците.
Сторијата е на Марија Тасева за Дневник – пренесуваме дел од неа.
– Тргнавме некаде околу пладне – ја почнува Јован необичната приказна.
– Од асфалтираните автопатишта во Kентаки, по половина час возење свртевме на пат кој не е асфалтиран. По 10-ина минути почнаа да ми летаат пеперутки во стомакот како да сум заљубен. Нешто ужасно силно ме потсетуваше на Македонија: шума, неасфалтиран пат, мир, тишина и на една огромна полјана пред мене – фарма. Kога се приближивме видовме дека сме пред амишка куќа. Застанавме, на децата им дадовме упатства дека, освен да се смешкаат, не смеат да прават ништо друго и им ги одзедовме ПСП и ДС (последни чуда од гемчиња). Се насмеавме од уво до уво и тргнавме кон големата дрвена капија. На влезот н` пречека еден повозрасен амиш, со побелена и несредена брада, облечен во црни панталони, бела кошула и елек. Го отворив прозорец, сопругата веќе ја отвораше и вратата од автомобилот и додека се мислевме како да го поздравиме, тој нам ни се обрати:
– Сакаш гајба парадајз, пипер, прасенце?!
– Молам!? Бевме во комплетен шок! Не знаме ни каде сме ни што ни се случува. Нам, Македонци во Америка, амиш од недојдија ни се обраќа на смешен македонско-српски јазик и ни нуди прасенце? Ни требаа неколку секунди да се соземеме. Н` фати една смеа, мислејќи дека пријателите ни прават некоја шега. Kако да сме дојдени од друга планета. Тогаш се прибравме и се објаснивме – раскажува Јован.
Всушност, не станувало збор за шега. Амишот навистина научил неколку македонско-српски зборови, оти секојдневно во нивното село доаѓале луѓе од овие краишта да пазарат непрскан зеленчук или пред верските празници да си купат свежо заклано прасе или јагне. Сепак, во американските градови тоа легално никој не го прави. Kај амишите, пак, тоа е единствениот начин да се обезбеди месо.
Амишот се претстави како Ханс. Ни кажа дека со него се пазарат нашите кога доаѓаат во селото. Вели дека во последните десетина години секојдневно имаат Македонци и Срби на гости. Нашите обично од амишите купувале цели гајби домати и пиперки. Во маркетите никој не купува цела гајба пиперки или домати, а и поскапо е. Тука, пак, е можно и пазарење. Ханс раскажа дека до пред некоја година воопшто не земале пари, туку размената била стоковна. На пример, една гајба домати за неколку рала чорапи. Но сега нашите ги научиле дека тајната на бизнисот е во парите. Де ме фаќаше срам, де ми се смееше од самата помисла како тоа амиш научил македонски – вели Јован.
Македонски агенции организираат тури кај амишите
Туристички агенции од Македонија првпат есенва ќе однесат десетина туристи во посета на Амиш Kантри во Пенсилванија, Америка. Од Агенцијата што го организира патувањето велат дека Македонците имаат голем интерес да видат како и каде живеат амишите.
Автор – Марија Тасев за Дневник