Заврши Олимписката приказна – Хероите на Лондон 2012.


12 Август. Свечено се затвараат Олимписките Игри. Она што го чекавме цели 4 години заврши. Најверојатно брзо. Се што е убаво завршува брзо.

Нови 4 години ќе чекаме да ги добиеме новите спортски херои, да ја почувствуваме повторно Олимписката страст.

Адреналинот веруваме е многу поголем кај спортистите. Некои од нив ги остварија своите соништа, некои потфрлија, некои од нив се појавија на спортската сцена, а некои полека заоѓаат од спортската сцена.

Слободно можеме да кажеме дека приказната на овие Олимписки игри е најбрзиот човек на планетата, Усеин Болт. Повторно доминација. Злато на 100 метри. Исто и на 200 метри. За жал, без светски рекорд. Сепак, рекордите кој самиот тој ги има поставено се и премногу импресивни, па и не е баш така лесно да се соборат. Тимски, штафетно, 4 пати по 100 метри, Американците со нов национален рекорд. Но, и најбрзата американска штафета до сега не беше доволна за Болт и другарите. 36,84 за нов светски рекорд. Фантазија од резултат. Затоа, заслужено го прогласуваме за спортист на игрите.

Уште еден спортист влезе во аналите на Олимписките Игри. Човекот со најмногу медали ви историјата. Сега веќе 22 медали. 6 помалку имаше пред почетокот на игрите. 4 златни и 2 сребра е билансот на Фелпс на игрите во Лондон.

Атлетичарите како и вообичаено беа во центарот на вниманието од индивидуалните спортисти. Па така, мора да ги истакнеме и да им изразиме почит на херојот на домашната публика, Мо Фара, новиот владетел на 5 и 10 километри, како и на новиот рекордер на 800 метри, Давид Рудиша (1,40,91). Нов рекорд има и кај жените, штафетно 4 пати по 100. Американките истрчаа 40,82 и го соборија рекордот стар 27 години.

Пливачката доминација на Американките прoдолжи. А се чини дека имаат и нова ѕвезда. По Ребека Сони, сега ја имаат и 17 годишната Миси Френклин.

Од индивидуалците ќе издвоиме уште еден херој. Домаќините се гордееја и со Шкотланѓанецот Енди Мареј. Ги изненади сите. Неговата добра форма не беше спорна, но очите на јавноста беа на друго место. Мареј нема освоено во кариерата Гренд-слем титула, но освои нешто за што сонуваат и многу поуспешни од него.

Тимските спортови понудија крајно неизвесни и драматични турнири. Без изненадување на кошаркарскиот турнир. Американците стигнаа до златото, но се чини дека залудни беа најавите за подобар дрим-тим од оној во Барселона 92-та. Како што изјави Меџик Џонсон- „Тогаш ние бевме приказната на игрите, сега тоа се атлетичарите“. „Скромни“ 7 поени разлика во финалето.

Ракометот крајно неизвесен. И повторно на голеите натпреварувања… Франција. И повторно кога сите очекуваа дека конечно Хрваите ќе ги наплатат сите долгови до сега, добија уште една фрацуска инекција.

Фудбалскиот турнир исто така, интересен и полн со изненадувања. Испаѓање на Шпанија и Уругвај во групната фаза. Исчистен пат за

Бразилците, но во финалето се прославија некои други. Наместо Неимар, Хулк, Оскар и останатите фудбалки звучни имиња, Мексиканците ја однесоа славата. Победија со 2-1.

Уште една бразилска селекција беше трагична. Водеа со 2-0 во сетови. Но, одбојкарите на Русија направија пресврт. Целосен. 3-2 за бескрајна радост.

Сепак и Бразл не остана со тотално празни раце. Ултра-згодните Бразилки беа подобри во финалето од Соединетите Држави.

Ракомет кај жените и веќе виден епилог. Норвешка на тронот, веднаш до нив пријатно изненадување, Црна Гора.

Американките се најдобри фудбалерки, а Хрватите најдобри во ватерполо.

Има и уште многу спортови за кои може да се пишува, но ги издвоивме оние најатрактивните, најинтересните.

Но, како и секоја Олимпјада, се раѓаат херои, но некои спортисти потфрлаат. Некои не ги исполнуваат соништата и очекувањата.

Дали Федерер го испушти последниот воз??? Дали најдобриот тенисер во историјата останува без Олимписко злато??? Ќе биде ли престарен и сеуште активен за ОИ во Рио???

Уште еден тенисер разочара. Нема ни медал за него. Најдобриот до пред некое време. Србија од него најмногу можеби очекуваше. Ноле без медал. Србите комплетно разочараа. Не ги остварија своите амбиции, буквално во ниеден спорт (од оние поатрактивите). Без медал остана и пливачот Милорад Чавиќ. Одбојкарите, одбојкарките, ракометарите… завршија во групите.

Како еден од оние кои разочараа е Јамајканскиот спринтер Асафа Пауел. Се повреди за време на финалната трка и беше единствен кој ја заврши трката со време под 10 секунди.

Разочараа и 8-мина бадмитонци кои беа дисквалификувани поради местење натпревари како би добиле полесни противници во понатамошниот тек на турнирот. Слично направија и кошаркарите на Шпанија, но затоа пак ни овозможија да гледаме вистинско финале, а не финале пред финалето.

Како и да е, уште една Олимпијада е зад нас. Организирана со доста пропусти, кои објективно и не беа очекувани од педантните Британци. Но од ден во ден и организацијата се подобруваше. Следуваат нови четири години исчекување за „само“ две неделно уживање. Следна станица е Рио де Жанеиро и Бразил во 2016.

До тогаш, останува да се надеваме дека ќе имаме и ние посериозни натпреварувачи, дека ќе има на што да се радуваме и ние.

Настапите на оваа Олимпијада нема да ги искоментираме. Дали достојно не преставија нашите вајлд-кард претставници е дискутабилно. Она што не е дискутабилно е едно- СПОРТОТ МОРА ДА СЕ ПОДОБРИ. Секој одговорен да ја прифати својата вина, од спортисти, до организации, сојузи и одговорни лица. Да почне да се работи потемелно, повеќе да се вложува, а спортисите кај нас да добијат статус на вистински професионалци.

До Рио 2016, СПОРТСКИ ОЛИМПИСКИ ПОЗДРАВ!!!

Tags: , ,

Ристе Kaратановски

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1