Ако реновирате кога други спијат, се карате постојано – казна 400 евра


Тамам сме легнале навечер да одмориме пред телевизија, соседите почнуваат со тропање. Kоваат, кршат плочки, го реновираат станот, а тоа го прават навечер оти дење им е топло. Немаме раат, се жали една скопјанка. Друг раскажува дека секојдневно слуша караници и викотници меѓу соседите од станот отспротива, кои му го нарушуваат мирот. Трети се жалат дека кучето на соседите постојано лае на тераса или дека младите во зградата слушаат гласна музика. Нема крај на примерите на меѓусоседско вознемирување кога стилот и начинот на живеење на еден го нарушува животот на друг и кога активностите на соседите што создаваат врева се одвиваат во период кој е превиден за попладневен или вечерен одмор.moleri majstorОсвен да повикаат полиција, граѓаните немаат друга алтернатива кога е нарушен јавниот ред и мир. Од СВР Скопје велат дека за првите шест месеци од годината за вакви и слични основи поднеле 175 прекршочни пријави, а казните се од 100 до 500 евра.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека меѓусоседското вознемирување е регулирано со Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

– Според член 7 од овој закон, тој што со малтретирање друго лице во стан ги вознемирува соседите и со тоа ќе предизвика интервенција на полицијата, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност. По оваа основа во последните шест месеци имаме 84 прекршочни пријави против 95 прекршители. Членот 8 го регулира пуштањето гласна музика и, според него, оној што го нарушува мирот на другите со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и механички извори на врева, мотори и друго во периодот од 15 до 18 часот и по 23 часот до 6 часот наутро, ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра. По оваа основа во последните шест месеци се поднесени 9 прекршочни пријави против 10 прекршители – информира Лиза Бендевска, портпарол во секторот за внатрешни работи во Скопје.

Таа додава дека за прекршување на јавниот ред на јавно место, со карање, викање или непристојно однесување предвидена е казна од 100 до 400 евра и по оваа основа во последниве шест месеци се поднесени се 82 прекршочни пријави против 104 прекршители.

Бендевска вели дека граѓаните што се вознемирувани на некој од наведените начини треба да пријават во полициска станица.

– Граѓанинот треба да се јави во полиција. Нашиот полициски службеник доаѓа на самото место и го констатира прекршокот и потоа пишува прекршочна пријава. Доколку оној што го сторил прекршокот ја плати глобата во рок од осум дена, таа според законот му се препололува. Ако не ја плати во тој рок, се поведува прекршочна постапка пред надлежниот суд – објасни Бендевска.

Претседателот на Регулаторната комисија за домување, Душко Kадиевски, вели дека Законот за домувањето не го регулира нарушувањето на јавниот ред и мир во приватните станови, туку се однесува само на заедничките простории.

– Доколку се слушаат кавгите на соседите, тоа значи дека изолацијата на станот не е добра и граѓаните треба да интервенираат кај оној што им го продал станот. Но, ако се работи за вознемирување во заедничките простории, ходници, лифтови и сл., тогаш управителот или претседателот на заедницата на сопственици на станови го пријавува тој што вознемирува во полиција – вели Kадиевски.

Тој објаснува дека според правилниците за домување станарите во една зграда мора да утврдат куќен ред.

– Тој се изгласува со мнозинство гласови на станарите и потоа се истакнува на табла на видно место на влезот на зградата. Во него се наведени сите ограничувања, на пример, кога е време за одмор за да нема бучава. Исто така, се најавува ако некој прави забава и во кој временски период ќе биде таа, за луѓето да бидат предупредени дека во тој период во зградата ќе има погласна музика. Ако станарите не се придржуваат на куќниот ред, следува пријава до надлежните, односно до МВР. Пријавата може да биде поднесена од секој станар или пак од управителот на зградата или претседателот на заедницата на сопственици – истакна Kадиевски.

Според Правилникот за домување во колективни објекти, не е дозволено пуштање гласна музика и вршење градежни работи што го нарушуваат мирот во периодот од 15 до 17 часот и од 22 до 8 наутро.

Dnevnik

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1