Србите во Албанија по децениска борба го добија правото да си ги вратат српските имиња и презимиња, присилно сменети со албански под режимот на Енвер Хоџа, но за тоа треба да платат 1.000 евра, пишува денеска српскиот весник „Вечерње новости“.
При тоа тие можат да го променат само името или само презимето, но не и двете. На тој проблем како еден од најдрастичните нарушувања на човековите права во Европа, обрна внимание невладината организација „Прогресивен клуб“, во својот годишен извештај за политичките права на Србите во регионот, додава весникот.
– Во Албанија Србите по документи се Албанци. Не можат да впишат националност Србин во граѓанските регистри – посочува организацијата во извештајот.
Првата позначајна придобивка на Србите во Албанија беше отвореното училиште на српски јазик во селото Хамил во јануари годинава, под влијание на Европската унија. Училиштето го посетуваат 60 деца.