Албанчиња им ја испеаја „Билјана платно белеше“ на своите другари-Македонци


Уште еднаш децата покажаа на дело дека тие на најубав начин ги премостуваат разликите, подаваат рака на пријателство и се зближуваат. За нив не е важно кој од која националност е, најбитно е да се разбираат и да соработуваат преку заеднички проекти и активности. Еве еден таков пример, а го пренесува Нова Македонија

novaci-7Минатата сабота, 29 март, општината Новаци го прославуваше својот 18-ти роденден, со кој официјално влезе во своето полнолетство. Дојдоа многу гости од разни места, од соседните села, од општината Могила, Битола, а не изостанаа ни честитките од пријателски градови од Бугарија, Грција, Албанија, Хрватска, Унгарија, Словенија, со кои Новаци има воспоставено исклучително добра соработка.

Но најубавата честитка, која ги разгали срцата на сите присутни, стигна од учениците, главно Албанчиња, од ОУ „Симче Настевски“ од селото Вратница, општина Јегуновце. Тие празникот на општината Новаци, кое месното основно училиште „Славко Лумбарковски“ го слави како свој патронат, им го честитаа на своите врсници со изведба на познатата македонска народна песна „Билјана платно белеше“.

Овој гест на добра волја и пријателство не ги остави рамнодушни присутните на приредбата, а го воодушеви и градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, кој присуствуваше на приредбата.

– Ваква импресивна и многу емотивна глетка би сакале почесто да гледаме не само во училиштата туку и на други места во земјава – рече градоначалникот Котевски.

Заедничка прошетка на Широк сокак

Истиот ден, околу 10 часот претпладне, 26 ученици, главно од албанска етничка припадност, и седум наставници од Вратница првпат го посетија ОУ „Славко Лумбарковски“ во Новаци, со кое тие во наредниот период заеднички ќе реализираат проект за меѓуетничка интеграција и подобро запознавање.
Учениците од Вратница по меѓусебното запознавање и завршувањето на спортските натпревари, покрај тоа што се дружеа со своите врсници од „Славко Лумбарковски“, не ја пропуштија можноста да ја посетат и популарната улица на Широк сокак во Битола, а беа и во посета на Музејот на албанската азбука во Битола.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1