Атлетиката е кралица на спортот – а нашите атлетичари како питачи (писмо)


Ова е тажна репортажа за реалноста на македонската атлетика и односот на челните луѓе на АФМ кон спортистите кои ја претставуваат Македонија во странство.

Писмото од македонската атлетичарка Весна Кираџиева е испратено до сајтот ЕКИПА – а зборува за патешествието до Италија каде учествувале на меѓународен натпревар.

Атлетичарката раскажува како наместо спортистите да се фокусираат на натпреварувањето и на добрите резултати, тие треба да седат на половина седиште од Македонија до Италија, да го поправаат комбето со кое 25 часа патуваат, да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Со надеж дека може да се променат работите го објавуваме и ние во целост. Фотографиите и писмото се превземени од сајтот Екипа.

,, Изминатиов викенд, во неделата, на 02.09 се одржа СП во планинско трчање во Понте ди Лењо (Италија). На него учество зема и седумчлена македонска атлетска репрезентација. Меѓу нив беа: Марија Стојчевска (јуниорки), Иван Пешовски (јуниори), Весна Кираџиева (сениорки), Игор Јакимовски, Јовица Ристовски, Александар Кираџиев и Кокан Ајановски (сениори).

Тимот во овој состав требаше да замине од Македонија во четвртокот (30.08) во 18.00 часот. Во меѓувреме, добивме неколку повици за измени на планот. Првиот беше за поаѓање следното утро (петок, во 04.00 наутро). Првата промена се должи на тоа што лидерите од АФМ (Атлетска Федерација на Македонија) сметале дека е доволно релацијата од 1500-1600км (колку што има до Понте ди Лењо) да се измине за време од 10 до 12 часа (па дури и за 8 часа според нив). По инсистирање на нас атлетичарите и шоферот, времето за поаѓање беше поместено за 20.00 часот.

Кога се собравме на збирното место, дознавме дека со нас ќе патува и официјално лице од АФМ за што ние атлетичарите не бевме известени. Повеќето од нас прв пат го гледаат човекот, а тие што го виделе чат-пат на некој натпревар не му го знаеја ни името. Со него треба да патуваме до Италија и назад и тој да ни биде тим – лидер. Во ред, немаше проблем, тоа било одлука на АФМ, а и треба да имаме лидер со нас, само што не бевме информирани навремено со кого патуваме на толкава дестинација. Проблемот се јави кога влеговме во мини-комбето (може да видите на фотографиите) каде имаше место за само осум луѓе (седум плус шофер). Вака испаднавме девет луѓе (осум плус шофер). Официјалното лице од АФМ ни рече да се стиснеме малку на седиштата предвидени за тројца, да седнеме четворица. Тоа беше апсолутно неприфатливо, па нормално и почнавме ние да реагираме. Како и да е, тргнавме, а еден од нас седеше на половина седиште, пола “висеше“ надвор. Наводно ајде, ќе издржиме, па ќе се менуваме со него на секои паузи!!! Стигнавме до излезот на Скопје на бензиската Макпетрол и увидовме дека тоа е апсолутно бесмислено!!!

Во исто време двајца наши репрезентативци патуваа за Каварна (Бугарија) на БП во полумаратон заедно со претседателот и секретарот на АФМ и во исто време беа на бензиската пумпа. Тука го изложивме проблемот, а тие двајца почнаа да ни се лутат на нас како само наоѓаме маани и се ни смета!!! Тука не ни беше јасно кој на кого треба да е лут: прво, трипати ни го променија времето на поаѓање, потоа не праќаат со комбе кое едвај оди на релација Скопје – Тетово, а не подалеку, со помал капацитет од потребниот, на кого му платиле само 500 евра за патни трошоци до Италија и назад!!!

 

Добро, официјалното лице од АФМ кој требаше да ни биде лидер, конечно сфати дека навистина нема логика така да се патува и се повлече од патувањето, па конечно тргнавме. После 15-тина часа пат, некаде после влезот во Италија, почна да откажува струјата и комбето застана. Среќа што на автопатите низ Италија постојано патролираат сервисни служби за помош на пат, па веднаш пристигна влечна служба. И среќа што немаше потреба од влечната служба, туку на лице место го решивме проблемот.

Конечно, после 24 часа пат, преморени, гладни и жедни стигнавме во Понте ди Лењо. Имавме само еден ден да одмориме од исцрпувачкиот пат пред трката.

Таму покажавме солидни резултати и во рамките на нашите можности, особено со оглед на сите околности.

На враќање, повторно имавме исти проблеми со комбето. Во Словенија, повторно почна да откажува струјата и овој пат немаше излез освен да се однесе на мајстор. Тоа ни одзема дополнителни 3-4 часа. Мајсторот очигледно кога видел странци во неволја решил да го злоупотреби тоа, па и после поправката ние не стигнавме далеку. Нешто пред Нова Градишка (Хрватска) по терти пат ни застана комбето и пак моравме со влечна служба да одиме на мајстор. Уште 3-4 часа изгубивме тука. Кога појдовме веќе беше околу 2-3 часот по полноќ. Повеќето од репрезентативците се вработени и веќе почнавме да стануваме сигурни во тоа дека нема да стигнеме пред да почне работниот ден.

Стигнавме дури во 10.00 часот. За разлика од незеинтересираното раководство на АФМ, шоферот беше апсолутно коректен, па освен што неколкупати се извини за непријатностите, дури и се понуди да им плати днавница што го губат работниот ден.

Кога сме кај дневници, таков термин не постои за нас репрезентативците. Секој настап го правиме од патриотски побуди и љубовта кон спортот и татковината.

Да не навлегувам во тоа дека на секој натпревар сме со сопствена опрема или со некоја ефтина заостаната опрема која ни ја дале од АФМ пред 5-10 години и веќе е избледена, а буквите одлепени, па наместо Macedonia,  пишува Ma edonia или слично. Кога ги пресметавме сите трошоци кои ги направивме во тие 2 х 25 часа пат увидовме дека комотно можеа да ни платат за авионски карти за целиот тим и наместо толкаво малтретирање, за два часа да сме таму. Секако, ние атлетичарите сме тие кои секогаш страдаат на сметка на слабиот менаџмент на АФМ.

Наместо тие да се тука за нас и да ги ислушаат нашите потреби и предлози и да се поотворени за соработка, тие го гледаат само нивниот личен интерес.

Сето ова ви го пишувам затоа што не е прв пат вака да не третираат од АФМ. Да не праќаат на толкав пат со минимални финансии, евтин превоз и опрема (најчесто без неа) и ние да заглавуваме во сервиси за автомобили на сред никаде!!! Ова се случува со години и години наназад и последниов случај ги поминува сите граници. Затоа би ве замолила да го објавите овој мој извештај со цел што поголем дел од македонската јавност биде запознаена со проблемите со кои редовно се соочуваме ние во атлетиката.

Спортски поздрав,

Весна Кираџиева

Tags: , , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1