Без ниеден глас против изгласана е новата преодна Влада
Со 101 глас „ЗА“, ниту еден „Против„ и „Воздржан“, Собранието попладнево ја избра новата техничка Влада.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, истакна дека за технички премиер е избран Оливер Спасовски, а ги наброја и министрите од новата преодна влада.
По неговото обраќање, новоизбраните министри дадоа свечена заклетва, а потоа Џафери ги повика на свечен коктел.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ во преодниот период до изборите на 12 април да покаже конструктивност со цел институциите да се подготват за совршени фер и демократски избори, порача во своето експозе во собранието мандатарот за техничка влада Оливер Спасовски.
Тој ги претстави министрите во неговиот кабинет, потсети на договорите со Грција и Бугарија, реформите кои биле направени во безбедносниот и правосудниот систем.
Спасовски ги повика пратениците до крајот на мандатот до 10 февруари да го ратификуваат и протоколот за членство во НАТО. Вети дека ќе работи и на европската агенда.
Спасовски се заблагодари и на досегашниот премиер Зоран Заев, а од министрите побара чесно и одговорно да ја вршат функцијата.
Господине Спасовски не ви ја честитам функцијата технички премиер затоа што тоа не е за честитање, но ви честитам тоа што откако ќе бидете поразени на изборите на 12 април, ќе ви се отвори патот за да станете лидер на СДСМ, рече во своето обраќање пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на попладневната седница за избор на техничка влада.
Тој рече дека по нарачка од Владата, се разрешени седум уредници на медиуми и му порача на Спасовски да внимава упатувајќи навреди кон „режимот“, затоа што, „половина од пратениците и третина од министрите кои сега се дел од вашиот тим, биле соработници на тој „режим“.
Илија Димовски рече постојат гласини дека дел од министрите на оваа влада, веќе си бараат ангажман во странство, истакнувајќи дека министерката за правда рената дескоска веќе пројавила желба да се „едуцира во Венеција“.