Поголемите цркви во скопската епархија ќе ангажираат фотографи кои ќе ги овековечуваат свечените моменти како крштевките и венчавките, пренесува Нова Македонија.
Верниците биле изненадени од ваквата одлука, но ретко ги одбивале фотографите и направените фотографии на настаните.
Велат дека им било незгодно пред свештеникот да го одбијат црковниот фотограф, но нагласуваат дека во иднина треба да им се укаже дека доколку црквата ангажирала свој човек да го сними настанот, за да не го дуплираат трошокот со ангажирање на свој фотограф.
– Бевме кумови на крштевка во црква на ќерката на наши блиски пријатели. На чинот на крштевање се појави непознат фотограф, иако ние веќе ангажиравме приватно фотостудио, кое требаше да ги слика главните моменти при крштевањето. Повозрасните членови од семејството дозволија и тој да слика, со одговор дека во црква не треба да се одбие никаква понуда, а најмалку човек што сака да фотографира и чесно да си ги заработи парите. Замолчевме и потоа му плативме и на црковниот фотограф – објаснува верничката Кристина.
За една фотографија верниците плаќаат по 100 денари, а од скопската епархија при МПЦ-ОА велат дека црквата не зема пари од фотографите, односно дека нивниот ангажман не е профитабилен за црквата.
– Ангажираме неколку фотографи што сликаат за време на богослужбите и другите обреди во црквите. Тие слики потоа ги ставаме на веб-страниците на епархиите. Им даваме можност да сликаат на крштевките или на венчавките, секако со претходно одобрение од верниците. Така им овозможуваме самите да заработат. Црквата не ги одбива оние што сакаат да работат – нагласуваат од скопската епархија.
Според тарифникот на скопската епархија, за крштевка се плаќа 3.000 денари, за венчавка со еден свештеник се плаќа 3.500 денари, а за присуство на тројца свештеници 5.000 денари.