Француските здравствени власти им наредија на лекарите и на болниците да соопштуваат за можни знаци дека епидемијата на ебола во Западна Африка може да заразила пациенти во Франција, иако засега не се забележани такви симптоми
Заразата, која има 90-процентна смртност, се појави во Гвинеја пред два месеци и се прошири во соседните Либерија и Сиера Леоне. Две лица се ставени во карантин и во Гамбија. Владата на Мали соопшти дека во земјата се откриени три сомнителни случаи на ебола и оти болните се ставени во изолација додека се добијат резултатите од лабораториските истражувања.
– Објавените мерки во Франција се превентивни, изјави министерката за здравство Марисол Турен.
– Здравствените органи во парискиот регион добиле дополнителни инструкции за патници, кои пристигнуваат на меѓународниот аеродром „Шарл де Гол“, но засега не се преземени мерки за ограничување на патувањата од и кон Западна Африка, изјави портпарол на Министерството.