Еве како умираме чекајќи чист воздух


Ситуацијата со загадувањето на воздухот со ситни честички во Скопје и во некои градови е сериозна, вели за Дневник проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, член на владината интерсекторска група што го следи аерозагадувањето.

zagaduvanje-2-300x225
– Воздухот е многу загаден, а со денови нема ветер, па состојбата само се влошува. На удар се ризичните групи на населението, но и сите други. Популацијата во Скопје е веќе истрошена. Не живеат тука нови луѓе кои до вчера биле на чист воздух, туку граѓани, на кои кризата им се повторува секоја зима. Белодробниот и циркулаторниот систем се на тест секоја сезона. Сите сме со ослабени организми. Ова е многу сериозна ситуација.

Kако убива воздухот? Дали организмот се преморува од постојаното прекумерно загадување?

– Оптовареноста на кардиоваскуларниот систем во вакви услови е зголемена повеќе пати и доаѓа до откажување на срцето. При белодробни опструктивни болести, бронхитиси, доаѓа до максимално затнување на дишните патишта, белите дробови функционираат со намален капацитет, срцето ослабува и доаѓа до кардио-пулмонална смрт.

Вреди ли да носиме маски преку лицето?

dragan gjorgj– За кратки дестинации може да се носат маски, но зависи колкава е нивната филтрација. Опасни се честичките што се помали од 10 микрометри, па најдобро е да не се излегува. Оние што работат на отворено треба да се под посебна опсервација, затоа што работејќи, тие дишат позабрзано и така внесуваат повеќе загадувачки материи во себе.

Дали првите ограничувања ќе бидат во сообраќајот?

– Деновиве се зголемува и концентрацијата на јаглероден моноксид и на азотни оксиди, што укажува на големиот удел на сообраќајот во загадувањето, но и на лошото согорување во грејните тела во домаќинствата. И топланите за централно греење работат на фосилни горива. Препораката е да не горат валкани горива, но тоа нè става во прилично апсурдна состојба ако во исто време препорачуваме рестрикција на активности кои се витално важни за граѓаните. Kако среде зима да не се греат? Сообраќајот може уште веднаш да се намали и јас не би ни чекал десет дена пречекорувања. Може да се забрани возење во центарот, освен за дотур и за јавниот превоз, да се намали брзината, старите возила целосно да се исклучат. Градот Скопје не мора да чека. Јас би го прогласил целиот период на грејната сезона во Скопје како алармантен. Вчера беше шестиот ден со прекумерно загадување, на седмиот ден очекуваме ветер и дожд, што ќе предизвика краткотрајно расчистување, па потоа пак ќе се качува. Така цела зима ќе бидеме во некаква тензија, чекајќи нешто.

Светската банка излезе со процена дека 1.350 луѓе умираат поради аерозагадување, а економијата губи 253 милиони евра.

Комплетното интервју на д-р Драган Ѓорѓев на следниот ЛИНК – Дневник

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1