Еднократна такса за присилна наплата, тарифа за блокада и деблокада на сметка, извршување на решение за присилна наплата, изготвување извештај, извршител, налог за извршување, записник, заклучоци… и уште десетици ставки се наведени во тарифниците на државните институции, банките и извршителите. Сите одат на трошок на граѓаните или фирмите, како дополнителна казна за долг кој не успеале навреме да го платат, па поради тоа им е блокирана трансакциската сметка.
Само Управата за јавни приходи деновиве блокираше речиси 20.000 граѓани и фирми поради неплатени сметки за радиодифузна такса.
Приватните компании и јавни претпријатија кои нудат други услуги како ЕВН, „Водовод и канализација“, „Телеком“, мобилните оператори, и други, па дури и банките, за наплата на своите побарувања од граѓаните и фирмите ги користат услугите на извршителите.
Според законот за даночна постапка, за секоја присилна наплата граѓанинот треба да плати и еднократна такса, која изнесува 5 проценти од висината на долгот.
Од џебот на задолжениот граѓанин се наплатуваат и извршителите, кои најчесто се многу повисоки од самиот долг. Наградата за извршителот почнува од 7,5 евра, па се движи до суми од стотици евра. Со вака високи суми се наплатува речиси секоја активност, како налогот за извршување кој, според официјалниот тарифник е 20 евра, изработката на записник 32 евра, заклучоци 16 евра, достава 20 евра….
Следуваат провизиите што ги наплаќаат банките. Речиси сите банки имаат различен тарифник за наплатување објавен на нивните веб-страници.
– присилна наплата еднократно или до три рати во Стопанска банка изнесува 1.500 денари. Блокада и деблокада на сметка се наплатува по 200 денари.
Доколку присилната наплата се врши на трансакциска сметка во Комерцијална банка граѓаните, покрај долгот, за извршување на решението ќе треба да платат уште 500 денари. Тарифата за блокада и деблокада на сметката чини 300 денари.
Во НЛБ Тутунска банка граѓаните за извршување на решението ќе треба да платат дополнителни илјада денари, додека за правните лица оваа тарифа изнесува 1.200 денари. Кога постапката се однесува на долг за радиодифузна такса, давачката во оваа банка е 400 денари. Блокадата и деблокадата на сметки, според тарифникот на Тутунска банка за фирми чини 500, а за граѓани 400 денари.