Тестираните деца подобро се снаоѓале со компјутерски игри, како и со употреба на смарт телефони, отколку што успевале самостојно да си ги врзуваат врвците, или пак да објаснат некои појави од нивната околина
Во денешно време, децата подобро се снаоѓаат во виртуелниот отколку во реалниот свет, а некои вообичаени и секојневни работи воопшто не ги познаваат.
Тие поголемиот дел од времето, го минуваат пред телевизор или компјутер, поради што не се доволно физички активни, што пак, претставува неопходност за нивниот правилен развој.
Денешните деца умеат да го разберат технолошкиот напредок, но тешко да се снаоѓаат во социјалните односи со нивните врсници. Тие живеат во еден поинаков свет од нивните родители.
Често се случува детето да знае и да разбира специфични работи, за кои родителите до тогаш немале ни чуено, но она што загрижува е фактот дека поголем дел од децата не се запознаени со обичните, мали и секојдневни работи, кои треба да умеат да ги направат на одредена годишна возраст.
Истражувањето на една интернет компанија, во кое биле вклучени 2200 мајки на деца на возраст од 2-5 години, од САД, Канада, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и други европски земји, даде многу интересни, но истовремено малку загрижувачки резултати.
Тестираните деца подобро се снаоѓале со компјутерски игри, како и со употреба на смарт телефони, отколку што успевале самостојно да си ги врзуваат врвците, или пак да објаснат некои појави од нивната околина, на еден логичен и правилен начин карактеристичен за нивната возраст.
19 отсто од децата знаеле како да користат апликација од смарт телефон, додека само 9 проценти успеале сами да си ги врзат врвките од обувките.
Речиси 60 отсто од тестираните момчиња и девојчиња знаеле да играат игри на комјутер, или да обават телефонски повик, а 25 проценти од нив знаеле како да отворат одредена веб-страница. Само 20 проценти од децата знаеле да пливаат.
Резултатите од ова истражување покренаа низа прашања: дали новите генерации се жртви на општиот напредок? Дали влијанието на околината и стандардите се клучни за формирање на личноста? Можат ли родителите да ги следат своите деца во нивниот брз развој?
Промената на улогата на родителите
Извесно е дека развојот на технологијата значително ја измени улогата на родителите. Она што ним им претставува дополнителна потешкотија, е тоа што, тие сега мораат да го запознаат и научат сето она, кое додека тие растеле не било откриено и познато, но истото, сега е составен дел од детството на нивните најмили.
Родителите треба да бидат свесни дека, и покрај технолошките “чуда“ што нè опкружуваат – децата се уште се деца! Односно, додека тие растат, и со помош на мобилни телефони и комјутерски игри, се стекнале со одредени вештини, сеуште не научиле како да си ги врзуваат врвките од обувките, да возат велосипед, да гледаат на часовник кој не е дигитален, или пак да пливаат …
Родителите не треба да ги учат децата како да “работат“ со смарт телефони, компјутери и други технолошки уреди, бидејќи како ќе расте детето само и спонтано ќе свати како истите функционираат. А и да не научат сега, за тоа нема никогаш да биде предоцна. Но, тоа не е случај и со играње топка, возење велосипед, и слични мали, и секојдневни вештини, кои можат да се научат до одредена возраст.
Учеството на родителите во овие работи е од непроценливо значење, а и носи радост и задоволство колку за нив, толку и за децата.
Совети за родителите
За сите оние мали вештини, кои детето треба да ги совлада потребно е :
• Трпение. Често ќе се чувствувате како вашето трпение да “поминува“ низ некој вид на тест, додека чекате вашето дете, само да ги врзе врвките, или конечно да се почувствува доволно сигурно за да вози велосипед без ваша помош. Запомнете дека детето не го прави сето тоа намерно, затоа што и нему му е потребно да се почувствува поголемо, за да направи нешто само и без ничија помош.
• “Фатете” го моментот кога вашето дете е подготвено да научи нешто ново. Индивидуалните разлики се големи, поради што треба да забележувате кога вашето дете е подготвено да направи или научи нешто во одреден момент од својот развој, и потребно е да го охрабите и мотивирате да го направи она што е на “само еден чекор “ од него. На пример, ако во моментот вашето дете со леснотија и сигурност вози велосипед со три тркала, време е сега да почнете да размислувате или, пак да зборувате со вашето дете за да го подготвите за она што логично следува во тој момент од неговиот развој, а тоа е да почне да вози велосипед со две тркала.
• Пофалете го вашето дете. Секој пат кога детето за прв пат ќе успее да направи нешто самостојно, имате добра причина за да го пофалите. Тоа претставува мотивација за натамошни напори, како и начин за да се развие самодоверба кај детето.