Tалибанците преку видео снимка ги повикуваат сунитите да се приклучат во борбата против Калашите од долината Читрал за да го примат исламот, пишува МКД.мк.
„Или ќе го примите исламот или ќе умрете.“ Ваква порака испратиле талибанците до Калашите, племе во Пакистан што тврди дека се потомци на Александар Велики. Талибанците објавиле вооружена војна против ова племе и против муслиманите Исмаили, кои живеат во овој живописен предел на северната страна на долината Читрал. Талибанците ги повикуваат и сунитите да им се приклучат во оваа борба.
Во долината доминираат умерените Исмаили и Калашите, повеќебошци, кои тврдат дека потекнуваат од Александар Велики и кои одржуваат посебна културни традиции во оваа претежно муслиманска земја.
Со миграцијата во последните децении, сунитските муслимани станаа мнозинство во оваа област, а начинот на живеење на Калашите веќе е под сериозна закана од талибанците, кои изведуваат голем број напади врз безбедносните сили во оваа област.
Педесетминутното видео на талибанците е објавено на 2 февруари. Во видеото нараторот ги предупредува Калашите, чиј број се смета дека е само околу 3.500, да го примат исламот или да се соочат со смрт.
„Во име на Алах, на Калашите треба да им стане јасно дека ако не го прифатат исламот, тие ќе бидат елиминирани, заедно со нивните заштитници, западните агенти“. Во видеото се обвинуваат и меѓународните невладини организации, кои се обидуваат да креираат држава како Израел во Читрал, преку обидите да ја заштитат културата на Калашите и да ги земат под свое луѓето што се далеку од исламот. „Но ние ќе ги попречиме нивните планови“, порачува нараторот во видеото.
МКД.мк