Интервју Николина Василевска – Ослабнав 20 килограми, за да ја глумам Елени – љубовта на Ататурк


На Широк сокак Елени го видела Мустафа сосем случајно додека седела на балконот. Се родила љубов која морало да ја кријат бидејќи била забранета. Никогаш не се омажила за него, но секој миг живеела со него, дишела со него.

Елени со Мустафа. Трогателна приказна. Не е возможно, но и тоа како е пластично претставено, како да бил реалност „животот со Мустафа“, во монодрамата што ја изведува младата скопска актерка Николина Василевска.

50 минутнен перформанс, во кој таа ги чита писмото која вљубената битолчанка Елени му го напишала на Мустафа Кемал Ататурк.

Неодамна изведе монодрама, која ги трогна емоциите на многумина. Како се создаде оваа монодрама?
   -Станува збор за монодрама која се темели врз основа на мојата книга „Илјада солзи за едно љубовно писмо“. Книгата е инспирирана од последното писмо коешто Елени му го испратила на саканиот Мустафа, а е дел од битолскиот музеј.

Колку време траеше нејзиното оформување како дело, и нејзината реализација? На кој дел најмногу „се запре“ работата?
  -Текстот настануваше, се менуваше и се преобликуваше неколку години наназад, за сега да ја има оваа форма која денес и е позната на публиката.

  Која е Елени? Како се вљубила во Мустафа? Како ти дозна за таа приказна?
   -Елени е ќерка на трговецот Ефтим Каринте. Нејзиното семејство било едно од најбогатите влашки семејства кои со другите семејства од тој ранг го диктирале општествениот и трговскиот живот во Битола во последните децении на деветнаесеттиот век. Семејството Каринте било длабоко религиозно смеејство а Елени била израсната во духот на православното христијанство. Според преданијата, во недостаток од нејзина фотографија, била убава руса девојка, која многу ја сакала книжевноста. Куќата на Каринте се наоѓа на Широк сокак кој бил центар на сите збиднувања. Го видела Мустафа сосем случајно додека седела на балконот. Во неколку наврати имале случајни средби и погледи додека не сфатиле дека се родила љубов која морало да ја кријат бидејќи била забранета. За оваа приказна дознав многу одамна. Ги сакам љубовните приказни како оние за Пирам и Тизба, Самсон и Далила, Лејла и Меџнун, Шах Јахан и Мумтаз Махал. Има нешто во нив кое ме тера да верувам во љубовта иако понекогаш си велам дека веројатно таквите љубови отишле со нив и сега се многу ретки.

Изведуваш драма со многу емоции, за жена која силно љуби и го поминува животот во илузија дека „саканиот ја чека на првиот агол“ да и се оствари, а не го ни видела веќе. Успеваш да не заплачеш, не како актерка, како жена која верувам дека исто така искрено и исконски љуби.
  -Секако дека не успевам да не заплачам. По природа сум многу емотивна и екстровертна. Често посакувам да сум поинаква но од оваа кожа во друга не може да се влезе. А љубовта не се чека, таа се случува а богати се оние кои ја доживеале без оглед на тоа дали завршила со брак или не.


Како ги сопираш солзите, кога ќе ја видиш расплаканата публика?
  -Ме трогна расплаканоста на битолската публика на Битфест и на публиката во Магор во Скопје. Точно знам дека ја сфатиле суштината и пораката и среќна сум што таа најде пат до нивните срца. Елени плачеше со публиката заедно.

Се штрецнуваше кога го подготвуваше текстот, Елени ти се пикна под кожа?
  -Ах, и тоа како ми се пикна под кожа во ова време во кое љубовта се мери со подароци, скапи возила, лажни изјави на љубов и ниски страсти.

 Се подговуваше темелно за улогата, дури и ослабна 20 килограми.
-Гурман сум. Уживам во подготвувањето македонски и турски специјалитети, поготово во сукањето и подготвувањето пити, погачи и сарми од лозов лист. Еден ден решив дека морам да си го вратам стариот изглед кој го загубив најмногу претстојувајќи во Турција и јадејќи лахмаџуни, донер, баклави, мантии и пиејќи боза.

Ти глумиш, а твојот брат Дејан пушта одбрана музика. Кој е патот на претставата, каде ќе ја прикажуваш следно, Турција ја имаш во план?
-Сосема случајно брат ми влезе во оваа приказна. Навидум сме многу различни, но уметноста не спојува. Кај него таа наоѓа пат кон остварување преку четката и боите. За претставата „Грне“ од Плаут која ја подготвувавме со ИКС во Охридски театар правеше сценографија а овој пат беше ангажиран за музиката која по негов избор беше дел од опусот на познатиот флаутист Омар Фарук Текбилек. Секако дека следуваат и други изведби на оваа монодрама и секако дека ќе бидете известени за сите нејзини прикажувања без оглед дали ќе бидат во земјава или во странство.

Минатата година Ти беше Претседател на скопскиот огранок на Здружението Мустафа Кемал Ататурк – Битола. Турската култура е дел од твоето семејство. Што е тоа што толку те врзува токму за неа? Патем, семејно припаѓате на здружение кое ги развива топлите пријателски турско- македонски чувства…


-Мојот дедо- таткото на мојата мајка со кој пораснав, а зборот деде ми беше првиот кој го изговорив, потекнуваше од едно многу убаво место кое се вика Жупа од кадешто потекнува Ататурк а се наоѓа во дебарскиот регион. Таму турскиот јазик, покрај македонскиот е јазикот на кој луѓето македонци и турци одсекогаш зборуваат. Турската култура и традиција се длабоко врежани во мене. Другиот пак дедо- таткото на мојот татко е кичевски влав по потекло од местото кадешто извира реката Студенчица. Немав среќа да го запознаам, зашто починал многу години пред да се родам но сето ова коешто денес го правам е сублимат на она што сум и она што го носам во себе. Можеби затоа е толку вистинско чувството кое го предизвикувам кај публиката.

Share Button

Tags: , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1