Како ги добиле своите имиња скопските населби? Драчево по растение, Чаир по ливада…


Според книгата „Градот Скопје и формирањето граѓанска класа во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941 год.) – од етнолошки аспект“ напишана од авторите Алла Качева, Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска, еве како скопските населби ги добиле своите имиња, пишува Утрински весник.

Чаир името го добил од Турците и потекнува од турскиот збор cair што значи ливада. Всушност, територијата на денешната населба Чаир во тоа време била речиси ненаселена и наликувала на ливада, па оттаму и името на општината.skopje karpos zgradi mk2

Автокоманда е крстена според касарната на српската војска „Аутокоманда“, која се наоѓала во овој дел на Скопје. Касарната била изградена 1914 година и служела за стационирање на српската војска. Неколку години подоцна и целата новоподигната населба го добила името Автокоманда.

Гази Баба, своето име го добила според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, познат кај народот како кадија Гази Баба.

Маџир Маало, името го добива според богатите доселеници кои граѓаните ги викале маџири. Всушност, првото име на денешно Маџир Маало било населба Вардар, бидејќи куќите биле подигнати покрај течението на реката.

Дебар Маало го добива името според градот Дебар, од каде што потекнувале првите жители кои го населиле овој дел на Скопје. Откако во 1918 година делови од Западна Македонија припаднале на Албанија, голем број македонски семејства биле принудно иселени од своите домови. Дел од нив се доселиле во Скопје и во Дебар Маало изградиле нови домови.

Топаана била местото каде што турската војска ги поправала топовите, па оттаму османлиите овој дел од Скопје го нарекле поле на топовите, или на турски Топхана. Тапаана била подигната веднаш штом османлиите го окупирале градот.

Населбата Буњаковец е една од оние која го носи името по угледна и богата фамилија од тоа време. Населбата го добила името на фамилијата Буњак, во чија сопственост биле поголем дел од парцелите на кои се граделе првите куќи. Целото земјиште во овој дел од Скопје било сопственост на неколку фамилии, меѓу кои најпознати и најбогати биле Буњаковци.

Селото и населбата Лисиче се крстени според малото место Лисичка каде што почнале да се градат првите куќи на селото Горно Лисиче. Но, во 1900 година надојдените води на Маркова Река ги поплавиле нивните куќи, па жителите се повлекле погоре во месноста каде што имало лисици и која била наречена Лисичка. Жителите малку го измениле името на новото место за живеење и ги крстиле Лисиче.

Селото и населбата Драчево името го добиле според трнливото растение драч, кое го имало во изобилство во овој дел од градот. Според усните преданија, настанувањето на Драчево е поврзано со месноста Салаково на планината Караџица.

Аеродром, една од поновите општини, го добила своето име по воениот аеродром наречен „Скопје“, кој се наоѓал кај сегашната поликлиника „Јане Сандански“. Првиот патнички авион таму слетал на 15 јуни 1928 година, бил од типот „потез 29“ од француско производство и превезувал пет патници. Аеродромот бил бомбардиран од нацистичка Германија во април 1941 година.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1