Казни до 4.000 евра за неисплата, затвор за барање парите од К-15 да се вратат


Работодавците од приватниот сектор имаат уште само еден ден, понеделник, за да им исплатат К-15 на своите вработени и да избегнат казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. Законодавецот предвидел и казна затвор од една година за газдите кои ќе поделат К-15, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Вакви казни се предвидени за работодавците кои на секој вработен кој кај нив работел најмалку шест месеци непрекинато во текот на оваа календарска година до Нова година нема да му исплатат најмалку 9.610 денари како регрес за годишен одмор. Тоа е 40 проценти од просечната нето-плата по вработен исплатена во последните три месеци. Максималната сума за К-15 утврдена со закон и со Колективен договор е пресметана на истиот начин, но од бруто-платата и изнесува 14.190 денари. Но, од пред две години, Колективниот договор дава можност работодавците со претходна согласност од работниците да исплатат и помалку од законски утврдениот минимум, ако фирмата има финансиски проблеми.

– Во изминатите две години регистриравме голем број случаи во кои работодавците им исплатиле на вработените многу низок износ на К-15, односно од 500 до 1.000 денари, а на голем број работнички кои користеле породилно отсуство не им било исплатен К-15, иако тоа им е законски загарантирано, посочуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Отаму додаваат дека ќе ја следат ситуацијата, особено кај оние работодавци кои ќе се обидат да исплатат К-15 во мал и незначителен износ поради тешкотии во работењето и ќе бараат од надлежните институции да извршат надзор со цел да проверат дали навистина работодавецот се соочува со финансиски проблеми во работењето поради што е принуден да исплаќа К-15 во износ помал од утврдената основица.

Апелираат до работодаваците да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, а од Државниот инспекторат за труд бараат да врши засилен мониторинг во процесот на исплатата на К-15. Ги повикуваат и синдикалните организации будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарските фабрики каде што има формирано синдикати, а работниците да продолжат да пријавуваат доколку им се прекршени работничките права.

Павел Трендафилов, претседател на гранскиот синдикат на вработените во градежништвото, индустријата и рударството при Сојузот на синдикатите на Македонија вели дека во секторорот деновиве е затворена исплатата на К-15. Но, тој нагласува дека има информации за фирмите чии работници се членови на синдикатот, а тоа се претежно големите.

– Во индустријата регресот се исплати уште летоска, а во градежништвото исплатата полека се затвора. Еве, деновиве исплатија неколку големи компании. За таканаречените геге фирми, не знам таму може да биде тешко да се исплати на рака, па да се бараат парите назад, цели Трендафилов.

Тој потенцира дека синдиактот го штити само своето членство и не постапува по поплаки од работници кои не се негови членови.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1