Со измените во Кривичниот закон сега постапката за заплена на имот се проширува и на членови на поширокото семејство на осуденик.
Ако обвинетиот е осуден и испратен на издржување затворска казна, завршена е само половина од работата, бидејќи мора да се испрати порака дека криминалот не се исплатува.
На овој начин ефикасно ќе се намали криминалот, смета државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
– Популарно се вели во народот: па добро, ќе украдам два-три милиони евра, ќе одлежам три години затвор и моето семејство ќе биде обезбедено. Целта наша е да докажеме дека тоа не може да се случи, затоа што не само што ќе го земеме твојот имот, туку и на твоето семејство. Тоа го вели нашиот Кривичен закон – рече Зврлевски.
Финансиската полиција сега располага и со посебен софтвер за борба со организираниот финансиски криминал и со него многу поефикасно, побрзо и полесно ги открива сторителите на кривичните дела, начинот на нивното извршување и сторената штета.
Во Србија заплената на имот е воведена уште во 2009 година и според српските обвинители, дава одлични резултати. Кај нив е можна и спогодба за признавање на кривичното дело и со тоа се скратува редовната постапка на одземање имот од сторители на кривични дела, кој потоа преминува во сопственост на државата.