Лековити петочни води на Св Петка – еве каде ги има и од што лекуваат


“На тој извор одат жени шо не можат да родат, на такви шо му умират. Ако му умри првото дете и на тој камен таму – Свети Јован одат. На каменот одат и п’лнат на изворо вода, и таму на каменот што праит како праит не знам.” 151681_bgizvor-sveta-petka001-foto-emil-conkic252_hs

Лековити води во село Ковач 

Ние имаме некои води: Петочна вода што викаме, Средочна вода, Торничка вода, Неделска вода. Имаме од тија самовилите што работеле по водјето. Идат луѓево од мака. Некого заболело нога, рака и одат во тије деној се мијат. Пак, оздравуваат луѓето, знајш! Имаме една вода, Средочна ја викаме – Србилица, лево од реката. Имаме една вода десно од реката Бродска, се вика Смрдешец. Така се викат местото Смрдешец. Тука извирет водата и никојпат не секинет, ни лете ни зиме. Има вода доволно. Друга вода имаме во Бенче – Неделска вода. Таја е напраена чешма. Тука земат луѓе вода и остават пари – за здравје. Тие се води самовилски.

Раскажал Светозар Миленкоски од с. Ковач.

Свети води во село Бенче

На патот тука,  ете ја Светанаделска и Петочна. Тие се самовилски води. Од старо сум ја запаметил Петочната вода. Одат таму се мијат. Кој има вака некоја мака. За таа Света Недела – на патот се раскажува дека беше едно девојче болно и го поносе на лекар, ние кај него работевне. Тој се вика Ставро. Отидовне на работа.

– Али дојдовте, прекинете со работа.

Ама еден од овие другариве што работеше, со трчање отиде угоре и беше го зел со мајка му, да го носит на лекар. Му текнало на газдава:

– Чекај Ружо. Да го измиеме ние на чешмичево.

Како го измиле девојчето, туа се опулило, си оздраве дејчето!

Раскажал Трендафиле Миноски од с. Бенче.

Лековити води во село Лупиште

Овде испод селово имат карпа што извират слаба вода. Ако некој се поболи, налета, во сабота навечер ќе остаит тука кошула да ноќеват и во недела сабајле ќе ја земат, ќе ја облечат и ќе оздравит. Карпата ја викаме Самовилска Карпа. Таа е како пештерче со устинче.

Имаме горе Петочна вода. Во петок на сабајле ќе ојме, ќе се измијаме. После кај црквана има една вода, заградена. Таја вода е удолу и со скала се слага. Таја е Светонеделска. Во недела на сабајле. Многу луѓе видуеле дерман. Веруваат и ден денеска. Идат. Оставаат пари.

Раскажал Стојко Премчески во с. Лупиште.

Лековити води близу село Чаништа 

Едната вода Света Петка се вика е близу до црквата. Туа под еден камен, има едно црниче, капини и кладенче. Ќе го измијат болниот, ќе го сторат – кому ќе се каже на сон. И кој сака за здравје таму ќе оди да се измије.

Подолу пак,  Цацка се вика во реката, таа пак, за од напрсница – вака за од струпје. И тоа во петок се мијат, сабајле пред сонце.

На лековитите води секогаш пред сонце се оди. Кај да одиш, секогаш пред сонце.

Раскажала Велика Митреска (1934) во с. Чаниште 1995 г.

Од книгата „Народна митологија на Македонците“ од Танас Вражиновски Скопје – Прилеп 1998 година

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1