Химната на партизанското движење во Македонија, познатата „А бре, Македонче“, која во литературата се сретнува и како народна патриотска песна, била напишана во Прилепско два месеца пред македонската химна, „Денес над Македонија“ од Владо Малески. Создадена е во периодот од 23 октомври до 8 ноември 1941 година, кога ја има и својата прва изведба во селото Царевиќ, на првиот митинг во поробена Македонија.
Автори се Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Создадена е пред 70 години, а зборува за тоа дека „македонско име нема да загине“ – опаснсот со која сé уште се соочуваме.
Белчески вели дека хроничарите за НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески-Љупта, во своите искажувања за формирањето на првиот прилепски партизански одред и неговото дејствување, зборуваат меѓу другото и за создавањето на песната.
– Формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ се случило на 23 октомври 1941 година во месноста во близината на манастирот во селото Степанци. Тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која треба да се издигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење. Задачата им била доверена на Крсте Црвенкоски (1921-2001 г.), Коле Чашуле (1921-2009 г.) и Ордан Михајлоски-Оцка (1921-1942 г.)
Коле Чашуле, со своето даровито писателско перо, дал придонес во создавањето на песната, а пак Ордан Михајлоски-Оцка, талентиран и образован виолинист, учествувал во создавањето на музиката за песната.
– Песната се пеела во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година, и во македонскиот филм „До победата и по неа“ од 1966 година. Во дует ја имаат снимено Никола Бадев и Александар Сариевски, а мешаната група и народниот оркестар на „Танец“ ја имаат снимено на ЛП-плоча во 1973 година во издание на РТБ. Песната е преработувана и интерпретирана во инструментална верзија од Влатко Стефановски и групата „Леб и сол“. Објавена е и во албумот „Лајв ин Маседониа“ од 2006 година – раскажува Белчески.
Оваа композиција во форма на артефакт е сместена во меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп, каде што посетителите, особено учениците, добиваат сознанија за тоа како настанала.
Првата верзија на
,,А бре, Македонче“
А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.
Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.
Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!