Македонци, Албанци и Kосовци незаконски станувале Бугари


Стотици Македонци, Албанци и Kосовци, со недокажано бугарско потекло, станеле натурализирани бугарски државјани, без да се почитува сложената процедура и со прекршување на законот од страна на Државната агенција за Бугарите во странство. Ова го установила проверката на Врховното административно обвинителство, која за овие пропусти била информирана од Министерството за правда на Бугарија, објавува бугарскиот весник „Сега“, кој располага со овие документи.pasos bugarija
– Државната агенција за Бугарите во странство издава уверенија за бугарско потекло прекршувајќи го законот. Во периодот 2011-2013 година, од случајно избрани 810 извештаи, дури во 717 случаи е утврдено дека тврдењето на барателите оти имаат бугарско потекло не е поткрепено со документи. Во досиејата имало само барање и изјава за бугарска национална самосвест и потекло. На некои како доказ им било признато дури и членството во организациите од типот „Бугарите во Албанија“ и слично, наведува „Сега“.

Од бугарското министерство за правда сметаат дека, и покрај укажувањата на обвинителството, прекршувањата на законот продолжуваат и понатаму. Од извршената проверка од нивна страна било утврдено дека од последните 8.000 издадени уверенија за бугарско потекло, едвај 1.300 биле поткрепени со документи што го докажуваат тоа. Според ваквите сознанија, излегува дека само 16 отсто од барателите на бугарско државјанство имаат право да го добијат.

– Официјалните лица од Државната агенција за Бугарите во странство системски ги пренебрегнуваат должностите при издавање на сертификатите за бугарско потекло, кои се официјални документи. Ова може да доведе до сериозни негативни последици, бидејќи ја отвора можноста лица без соодветно потекло да добијат државјанство на земја на Европската Унија – реагираат од министерството за правда.

Министерството, во чии рамки е и Советот за бугарско државјанство, се обидува да ги поправи грешките на Агенцијата, барајќи одново докази за потекло на барателите на бугарско државјанство. Оттаму, пак, одбивале да им ги достават документите од периодот по 31 октомври минатата година за тоа врз која основа ги издаваат уверенијата за бугарско потекло.

Според законот, бугарско потекло се докажува со документи како што се изводи за раѓање, лични документи или регистрации издадени некогаш од бугарски органи.

Dnevnik.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1