Државниот пазарен инспекторат месецов затворил две скопски туристички агенции, оти не склучиле договор со патниците за аранжманите што ги продале. Дополнително, други три агенции продале сместување што било сосема поинакво од она што им било ветено на купувачите. Овие агенции нема да бидат казнети, бидејќи им ја исплатиле штетата на патниците, велат надлежните.
Последниот случај го пријавиле Македонци што заминале на одмор во Кушадаси, но останале на улица, бидејќи во вилата немало соба за која платиле.
– Во општество што ферментира постојат и ќе постојат измами и измамници. Меѓутоа, туристичките измами не се толку драматични, колку што се гласни. Тоа се должи на фактот што туристичката измама по лице чини околу сто евра. Она што е убаво е тоа што лошиот глас од настанот алармира да се расчистат неправилностите во туризмот – изјави Ангел Иванов, потпретседател на Асоцијацијата на туристичките агенции на Македонија.
Во македонското туристичко ткиво има и лакоми и несовесни патници, кои „паѓаат“ на евтини туристички понуди од нови туристички агенции. Според Иванов, во земјава се регистрирани повеќе од 400 туристички агенции, од кои, како што вели тој, само дваесетина работат чесно и имаат повеќегодишна успешна практика.
– Потребно е клиентите сами да ги филтрираат измамите, а не да се фаќаат за понуди поевтини за две евра или, пак, да плаќаат за аранжмани во кои се нудат неверојатни престои во луксузни хотели за малку пари. Кога разговарам со клиенти, кои раскажуваат како претходната година биле измамени, на прашањето која е агенцијата и каде е, тие рамнодушно искажуваат незнаење. Меѓутоа, и покрај измамата, тие ќе се вратат повторно кај тие агенции и така го потхрануваат хаосот – изјави Иванов.
Тој истакна дека при измамата со туристички аранжмани виновни се двете страни. Едната ги искористува беспарицата и незнаењето, а другата лакомоста.
Повеќе на – Нова Македонија