Момчиња од Скопје спречени да заминат на џихад во Сирија


Жители на село крај Скопје спречиле неколку млади луѓе да заминат на џихад во Сирија, дознава „Дневник“. Во еден случај момче било буквално извадено од автобус со кој требало да појде во војна. Момчето претходно исчезнало од дома, а по извесно време било најдено во џамија во Тетово. Потоа со автобус се обидело да замине за Турција, од каде што требало да се префрли во Сирија. Но, локалните жители се обиделе да го разубедат и буквално го извадиле од автобусот. Настаните ги потврдуваат и во Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Претседателката на Kомисијата, Валентина Божиновска, вели дека вахабистите преземаат џамии и пропагираат поинаков ислам.

bozinovska-valentina-480x272– Имавме такви случаи кога луѓе разубедуваа млади момчиња подготвени, буквално тргнати на пат кон Сирија. Ако вахабистите во џамиите земат замав, може сериозно да ги застранат младите генерации муслимани – вели Божиновска.

Според официјалните податоци, сите деветмина македонски државјани, кои досега загинале во конфликтот во Сирија, биле следбеници на салафистичката идеологија. Според Божиновска, но и според ИВЗ, всушност, станува збор за вахабисти.

Божиновска објаснува дека џихадот во Македонија го пропагираат вахабисти. Тие неодамна во „Тутунсуз“ и во Јахја-пашината џамија во Скопје упатуваа закани кон ИВЗ.

– Се нарекуваат салафисти, но апсолутно станува збор за вахабисти, чија интерпретација на исламот отстапува од традиционалното читање на Kуранот. Се вметнуваат во социјално загрозени средини, меѓу незгрижени луѓе, и ги оттргнуваат децата од ИВЗ и од традиционалното читање на Kуранот. Со нив не се излегува на крај, не ги признаваат легалните одбори на џамиите, поставуваат свои, влегуваат и работат со верниците, проповедаат поинаков ислам – вели Божиновска.

Kомисијата не може да го процени точниот број следбеници на ова движење, но предупредува дека зема замав.

Според Божиновска, движењето кај нас е увезено преку невладини организации, кои дејствуваат и во регионот, особено во Босна и Херцеговина, Санџак и на Kосово.

Увезени од иселеници

islamisti djihad terorizamСалафистите се ортодоксни муслимани, а вахабистите се нарекуваат така за да се затскртијат од јавноста, објаснуваат во ИВЗ:

– Салафизам значи практикување на исламот какво што применувале првите три генерации муслимани вклучувајќи ја и генерацијата на пророкот Мухамед. Вахабизам е политичко движење камуфлирано како методологија за интерпретација на исламската вера. Поради камуфлажа, 80 отсто од вахабистите себеси се нарекуваат салафисти, а во суштина се вахабисти – објаснува Африм Тахири од Исламската верска заедница.

Разликата меѓу вахабистите и останатите муслимани, објаснува Тахири, е што секташите ја исклучуваат логиката во интерпретацијата на исламот.

– Овие исламски правни школи, кои се применуваат во вахабизмот, не дозволуваат логика во решавањето разни правни проблеми, а ханефиската, која во нашата земја е и службена правна исламска школа за ИВЗ, дозволува употреба на логиката ако нема прописи во Kуранот и Сунетот за одреден проблем – вели Тахири.

isil teroristi djihadТој тврди дека вахабизмот во Македонија почнале да го шират иселеници-повратници, а подоцна и млади што се школувале во арапските земји.

– ИВЗ не располага со такви статистики каде што има повеќе или помалку таканаречени салафисти, а исто така е убедена дека не секој што војува во Сирија и во разни други војни е член на ова движење. Својот став против вахабизмот ИВЗ јавно го има кажано од првите моменти на појавување на ова верско-политичко движење кај нас сметајќи го како опасен вирус за нашето општество. Но, за жал, нашиот став не е прифатен сериозно од надлежните органи – смета Тахири.

Една од главните карактеристики на вахабистите е што централно место во нивната идеологија е џихадот против режимите, кои ги сметаат за невернички, вклучувајќи и муслимански режими.

МВР нема сознанија дека во земјава има центри за регрутација на џихадисти, но нагласува дека за секој таков случај ќе ги примени новите овластувања од Kривичниот законик за учество во странска војска или повикување на такво учество.

– Ако бидат откриени такви центри, согласно со новите законски одредби, ќе преземеме мерки и активности. Голем дел од џихадистите што загинале биле иселеници и во Сирија заминале без да дојдат во Македонија – вели Иво Kотевски, портпарол на МВР.

NetPress.mk

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1