Наше, а светско – Саксофонистот Нинослав Димов со впечатлива програма


 Млад, афирмиран саксофонистот Нинослав Димов, со впечатливиот избор на автори кои ги изведува, постојано покажува дека и во Македонија имаме музичари кои рамо до рамо можат да се носат со светските саксофонисти и да му дадат душа на на овој инструмент.

Тој заедно со пијанистката Маја Поповиќ, во вторник во Салонот 19:19 во 20 часот, ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од Јакоби, Рос, Никифор, Ковел и Матитиа.

Димов студирал и на „Универзитет дер Кунст“ во Берлин во класата на проф. Детлеф Бенсман, каде што во 2006 година ги заврши додипломските студии по саксофон за потоа и да продолжи со специјализација на „Концертегзамен“ се’ до 2009 година.

Димов е доцент по саксофон на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Класата по саксофон на ФМУ – Скопје постои од 1998 год. и ја основа проф. Стојан Димов. Од 2009 год. ја превземав класата како доцент по саксофон.

Во моментов класата брои 12 студенти, што доволно кажува за големата заинтересираност и популарност на инструментот.

Тој е водач на Квартетот саксофони „Димов“ со кои настапува во Македонија, Србија, Хрватска, БиХ… Од 2007 година, пак, е член и коосновач на „Bensman Saxophon Quartet“ со многубројни концерти во Германија.

Програмата за концертот на 04.12.2012 година.

Wolfgang Jacobi – Sonata

Elaine M. Ross – Journey to the light

Serbain Nichifor (adap. S. Dimov) – Carnyx

Henry Cowell – Air and Scherzo

Jean Matitia – Au Bonheur des Dames

Еве што Димов вели зошто ги одбрал токму овие дела –

Една од главните работи во реализирањето на било кој тип на музичко-сценска изведба, без разлика дали се работи за поп, рок, џез или класичен концерт, е осмислувањето на репертоарот.

Мојата идеја беше некако да успеам да ја опфатам стилската и жанровска разновидност на музиката за саксофон напишана во 20-от век. Едноставно изборот падна на следниве дела бидејќи најуспешно го одсликуваат сето тоа.

Се работи за композитори кои и не се можеби до толку познати за пошироката јавност, но се многу значајни како за саксофонот така и за музиката воопшто.

Јакоби е композиторот кој заедно со Хиндемит го возобновуваат и организираат музичкиот живот во пост воена Германија.

Ковел е еден од најзначајните ултра модернистички американски, но и светски композитори, кој што преку своите иновации во делата е инспирација и за композиторите Бела Барток, Арон Копланд, Џон Кејџ.

Сербан Никифор познат романски композитор и челист, кој што вешто го вклопува фолклорот во своите дела.

Жан Матитиа, поточно Кристијан Лоба, кој што својот алијас Матитиа го користи за пишување на “лесна” музика која не потсетува на почетоците на џезот на 20-век, и чиј што репертоар е над 80 проценти музика напишана за саксофон, доволно кажува за неговата важност.

Елејн Рос, најмладата во ова друштво, е американска композиторка која преку имплементацијата на џезот во своите дела се повеќе го зацврснува своето место како една од поважните нови композитори за инструментот.

Сонатата од Јакоби, компонирана 1930, е една од композициите кои што секој сериозен саксофонист би требало да ги има како дел од својот репертоар.

Ер и Скерцо (Air and Scherzo) на Ковел, дело компонирано во 1961, одлично го доловува влијанието на тогашната поп музика во секојдневието.

Карникс (Carnyx) на Никифор е исполнет со мотиви од балканскиот фолклор. Делата на Рос и Матитиа се во целост инспирирани од џез музиката.

Сево ова е предизвик за секој модерен саксофонист, кој што не може да се нарече само класичен, бидејќи саксофонот е инструмент на 20-от век. Време каде што класичната музика се помалку може да се дефинира како класична и се повеќе имплементира мотиви од останатите жанрови.

Затоа секој саксофонист е потребно да има што е можно повеќе информации и интерес за останатите жанрови во музиката.

Tags: , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1