Наследниците на имотот на Јосип Броз Тито, овие денови со нетрпение чекаат да слушнат што им оставил нивниот роднина во наследство.
Судот во Белград завршил со постапката и наследниот процес стар 30 години, односно донел одлука за распределба на наследството на маршалот. Одлуката ќе ја соопшти за околу еден месец, пишува српски Телеграф.
Додека не се слушне што на кому му припаднало, постојат приказни за тоа што сè им оставил Тито на синовите и на другите роднини во аманет. При тоа се споменуваат милионски суми во евра, нешто во имот, нешто во предмети – слики, ордени, садови…
Чедомир Антиќ е српски историчар кој за Телеграф рекол дека прашањето за имотот и наследството на Тито е комплексно и дека судовите во текот на процесот биле под голем притисок.
Според Антиќ имотот на Тито се проценува на десетици па дури и стотина милиони евра.
– Најголема тешкотија на судовите им беше да разделат што е државен, а што приватен имот на Тито, рекол тој.
Антиќ вели дека не може да се утврди целиот негов имот.
-Исто така не може точно да се утврди целиот негов имот, односно во кој статус се неговите резиденции, околу 100 објекти, кои ги има ширум СФРЈ, вели тој.
На последното рочиште, освен адвокатите, од наследниците присуствувала само внуката на Тито, Светлана Брзо со ќерка ѝ. Освен неа, наследници се синот Миша, внуците Јошка, Златица и Едвард, како и наследниците на Јованка Броз, нејзините сестри Нада и Зора.
Инаку, наследната постапка, по смртта на Тито, ја покрена неговиот син Жарко уште во 1983 година.