Министерството за труд и социјална политика ќе воведува лиценци во државните институции кои воспитуваат деца но, и за приватните граѓани кои чуваат деца.Сите оние што се занимаваат со чување деца, од претшколска возраст,односно што земаат пари за тоа, ќе треба да полагаат за лиценци.
Лиценцирањето ќе се спроведува преку проверка на примената на стручното знаење во форма на испитни прашања од страна на Комисијата за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца, при што издавањето н алиценци ќе биде бесплатно за кадарот од градинките, а само 40 часовната обука за директорите ќе се наплаќа.
Условите за стекнување со соодветна лиценца за работа во установи за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст, како и физички лица кои вршат одредени работи од дејноста згрижување на деца од предучилишна возраст во сопствениот дом и во домот на родителите на детето; лица вработени во агенциите за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст, како и на лица кои се заинтересирани да се вклучат во системот се: да имаат завршено соодветно образование за работното место за кое се стекнува лиценцата и ако успешно ја поминат проверката на примената на стручното знаење од Комисијата за лиценцирање.
По извршената проверка на знаењата доколку стручните лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца го положат испитот, министерот за труд и социјална политика на предлог на Комисијата за лиценцирање ги издава следните видови на лиценци за работа:
– лиценца за стручен работник;
– лиценца за стручен соработник;
– лиценца за воспитувач;
– лиценца за неговател;
– лиценца за директор.
Процесот на лиценцирање треба да го поминат 56 стручни работници, 42 стручни соработници, 846 воспитувачи и 1187 негователи во установи за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст и 56 директори на установи, како и други лица кои се заинтересирани да се стекнат со лиценца за работа.