Автор M-r Ph Марија Петреска /
Комбинацијата на сончева светлина и одредени лекови или супстанци, може да доведе до појава на црвенило на кожата познато како еритема која наликува на изгореници од сонце.
Овие реакции се поделени на две групи фототоксични и фотоалергиски реакции.
Фототоксичната реакција најчесто е поврзана со штетното влијание на ултравиолетовите А зраци (UVA) во комбинација со некои лекови. Оваа реакција се карактеризира со појава на осип и црвенило на кожата која била изложена на сонце, а за да се спречи истата потребно е да прекинe со употреба на лекот од кој настанала реакцијата се до негово отстранување од организмот.
Во продолжение ќе ги наведеме групите на лекови кои најчесто појавуваат фототоксични реакции со цел да посветите поголемо внимание во овие летни денови доколку и вие примате било каква терапија. Тоа се најчесто антибиотиците од групата на кинолони како ципрофлоксацинот најчесто употребуван кај нас и познат како Цитерал, тетрациклинските антибиотици како што е доксициклинот, сулфонамиди како сулметоксазол и триметоприм, кај нас најчесто употребувана комбинација позната како Лидаприм или Бактрим, антихистаминици најчесто дифенхидраминот кај нас познат како Драмина или пак лек кој се користи при патување за да се избегне гадењето и повраќањето, исто така внимавајте и доколку сте примиле антималарична терапија, или пак примате лекови кои делуваат на кардиоваскуларниот систем, доколку сте под терапија со диуретици, лекови кои се користат при терапија на дијабет, аналгетиците, антипсихотичните лекови, трициклични антидепресиви, внимавајте и во случај да користите лекови за третман на карцином на кожа.
Фотоалергиската реакција настанува како резултат на изложување на ултравиолетово зрачење кое ја менува структурата на лекот при што самиот организам лекот го препознава како страно тело односно антиген а со тоа имуниот систем кај човекот предизвикува алергиска реакција која се манифестира како осип на кожата која била изложена на сонце и наликува на егзема. Овој тип на реакција најчесто се јавува при употреба на одредени супстанци како лосиони, парфеми и слично.
Сепак да напоменеме овие реакции се дел од несаканите дејства на лековите и немора да значи дека секој кој ги употребува ќе развие фотосензитивна реакција. Тоа е во зависност од чувствителноста на организмот која секако дека е различна кај секој од нас. Ова го наведуваме само како можна несакана појава која може да се јави во текот на летото и летните одмори со цел да бидете информирани и да знаете што ви се случува и како да се справите со тоа.
Наш совет е доколку се појави ваков тип на реакција, веднаш да престанете со земање на лекот и да се избегнува изложување на сонце или да се зголеми заштитата на вашата кожа. Следен чекор е нанесување на влажни облози на осипот со цел да се олеснат симптомите на чешање и пецкање.
Од лековите кои би можеле да се употребат во вакви ситуации би можеле да се наведат антихистаминици кои би го намалиле чешањето, како и топикални стероидни креми за да се намали црвенилото но мора да се нагласи дека при нивната употреба исто така се избегнува изложувањето на сончеви зраци. При потешки случаи се користат кортикостероидни лекови односно противвоспалителни лекови, исклучиво според инструкции дадени од лекар.
Автор M-r Ph Марија Петреска /