Обвинителството стави крај на дилемата за отворање постапка во случајот со Дениса Марковска. Немаат надлежност за дела кои не се сторени на територијата на Македонија и за сторители кои сториле дело во странство и не биле затечени или екстрадирани во земјата.
Информирани се за постапката која ја води соседна Грција и обдукцијата извршена врз телото пронајдено во водите на Егејското море.
– Јавното обвинителство не располага со сознанија за причината на смртта, но доколку е утврдено дека смртта настапила како последица на сторено кривично дело, тогаш постапката за евентуално гонење на сторител за извршено кривично дело ќе треба да се спроведува во Република Грција, стои во соопштението до медиумите.
Обвинителството нема надлежност ниту за издавање наредба за ДНК анализа или за реобдукција. Тие посочуваат дека по предавањето на посмртните останки на семејството не постои пречка по нивно барање, надлежна институција да изврши ДНК анализа или реобдукција.
Според информациите од МНР најдоцна до утре осигурителната компанија треба да ги уплати во Грција за транспорт на телото, кое според очекувањата на семејството треба да пристигне во земјава во среда.
Надлежните за вршење на анализите, посочуваат дека ќе постапат ако семејството до нив упати барање за нова анализа откако ќе добијат дозвола за отворање на ковчегот кој ќе пристигне од Грција.