На христијанскиот празник Голема Богородица, следниот четврток и официјално ќе биде пуштен во употреба плоштадот во населбата Влае, лоциран до станбениот комплекс „Порта Влае“, пренесе Дневник.
Плоштадот ќе го отвори градоначалникот Стевчо Јакимовски , а потоа во 21 часот концерт ќе одржи Влатко Лозановски, во рамките на културното лето „Kарпош 2014“. Шеталиштето зафаќа површина од 6.500 квадратни метри, а од Општината информираат дека неговото име ќе биде плоштад Влае, по населбата во која се наоѓа.
Работите на терен веќе привршуваат. Kако што објаснија вработените од фирмата „Адмирал“,
која работи на изработка на фонтаната, 90 отсто од нивните обврски се завршени.
– Останува само уште машинскиот дел, поврзување на пумпите и осветлението, а потоа и пробното пуштање во работа на фонтаната – информираат од фирмата „Адмирал“, кои се подизведувачи на „Сандра инжинеринг“.
Работниците велат дека останува да се доправи и малото детско игралиште, кое е во рамките на плоштадот, односно да се постават реквизитите. Изработени се две партерни кружни патеки, сплотени една во друга. Од Општина Kарпош информираат дека фонтаната е изградена од мермер и гранит.
– Kористени се павер-елементи со завршна горна обработка од вулкански камен. Поставена е урбана опрема, клупи, канти за отпадоци од тикувано дрво, отпорно на надворешни влијанија – вели Виолета Цветковска, портпарол во Општината Kарпош.
Плоштадот е хортикултурно уреден со зеленило и цвеќиња, односно со 10.000 цветни садници. Поставени се 50 канделабри, 60 клупи за седење, 20 канти за отпадоци и три фонтани за пиење вода. На овој простор, наредната година ќе почне изградба на црква со површина од 130 квадратни метри.
Според општинските власти, целокупниот проект чини околу 30 милиони денари. Изведувач на градежните работи е фирмата „Лутарико“, а изведувач на фонтаната е „Сандра инженеринг“ .
Последната најава беше дека плоштадот ќе биде пуштен во употреба во јуни, но како што објаснија надлежните, работите се одолжија заради непогодните временски услови.
Плоштадот почна да се гради лани на 14 јануари, а требаше да биде готов до март. Но, со месеци на градилиштето немаше никаква активност затоа што, според општинските власти, првично избраната фирма „Сандра инженеринг“ не го почитувала рокот за завршување. Поради тоа лани на 10 септември договорот со оваа фирма беше раскинат, а во јануари годинава беше склучен нов договор со фирмата „Лутарико“, вреден 308.802 евра, од кога повторно почнаа работите.