Од 1 јуни дигитален сигнал и 400 програми


Квалитетен сигнал, зголемен број телевизиски програми за 16 пати, од сегашните 49 на 400, ослободен фрекфенциски опсег и дополнителни сервиси, треба да овозможи процесот на дигитализација со што од 1 јуни следната година македонските граѓани ќе ја следат телевизиската програма преку дигитален сигнал.

За претстојните активности до стартот на дигитализацијата денеска дебатираат претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, Советот за радиодифузија и Агенцијата за електронски комуникации, како надлежни институции и телевизиите што ќе добијат пренос на сигналот на национално и регионално ниво.

Претставниците на институциите вклучени во дигитализацијата тврдат дека веќе се направени главните подготовки, компанијата ОНЕ е избрана за оператор што преку два мултиплекса со дигитален сигнал ќе ги емитува сервисите на комерцијалните национални и регионални телевизии за надомест што ќе го утврди, а за крајните бесплатно. СРД наскоро треба да усвои план за намена и распределба на радиофрекфенции на дигиталниот терестријален мултиплекс, а АЕК ќе има целосна регулација односно ќе ја утврдува оправданоста на цената што ќе ја нуди ОНЕ. Операторот веќе исплати 300.000 евра за дозволата за оперирање со мултиплексите, а со милион евра гарантира дека ќе постави мрежа и опрема за дигитализацијата.

– ОНЕ има обврска сигналот на телевизиите да го емитува или во стандарден формат или со висока дефиниција на формат, а со тоа граѓаните ќе имаат ист квалитет на сигналот како тие во Европската унија, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Дигитализацијата, според него, е многу значајна затоа што за разлика од сегашните 49 канали ќе овозможи пренос на околу 400 канали. Ќе се овозможат и нови формати на медиуми, нов начин на пристап до корисниците со што Македонија уште еднаш во регионот ќе биде лидер во напредокот што го има постигнато во информатичкото општество, рече Ивановски. Тој процес треба да се одрази и на квалитетот на содржините што ќе ги нудат телевизиите затоа што се надеваме дека конкуренцијата ќе биде многу поголема и граѓаните ќе имаат поголема можност за избор, оцени Ивановски.

Според претседателот на СРД Зоран Трајчевски, Советот како регулаторно тело заедно со медиумите презема активности за процесот на дигитализација да стартува што поуспешно. Веќе е изработен нацрт планот за намена и распределба на радиофрекфенции на дигиталниот терестријален мултиплекс, што СРД ќе го усвои наскоро како стратешки документ за спроведување на процесот на дигитализацијата.

– Отворени сме да им помогнеме на медиумите во преминот од аналогно кон дигитално емитување и сметам дека моментно не постојат никави пречки. Исполнети се сите неопходни услови за да може исклучувањето на аналогниот сигнал и дигиталното емитување да се реализираат успешно, наведе Трајчевски.

Надоместот за преносот, што телевизиите ќе го плаќаат на операторот, укажа министерот Ивановски, ќе зависи од операторот и од договорот што ќе се постигне, и во секој случај да ја оправда инвестицијата.

– Имаме чести состаноци за да се направат подобри анализи, но сепак АЕК ќе ја следи потребната инвестиција во случајот од ОНЕ како оператор и врз основа на инвестицијата ќе направи анализа дали цените што ќе бидат понудени до телевизиите независно дали тоа е на национално или регионално ниво се оправдани или не, појасни Ивановски.

Краен рок за исклучување на аналогното емитување на телевизиските содржини во Европа е 2015 година, а го утврди Интернационалната телекомуникациска унија. Тоа, посочи Ивановски, значи дека обврската за дигитализација е меѓународна, но сепак секоја земја одлучува за начинот на кој ќе премине кон дигитално емитување.

Кај јавните телевизиски сервиси процесот на дигитализација почна на почетокот на годинава, преку ЈП Македонска радиодифузија, на која и беа доделени два мултиплекса, изгради инфраструктурата и веќе дистрибуира на DVB-T сигнал за националните телевизиски сервиси.

Распоредот на јавните телевизиски сервиси во мултиплексите на ЈП МРД ќе биде во точно утврден редослед: МТВ1, МТВ2 и Собраниски канал. Кај комерцијалните телевизиски сервиси во мултиплексите 6 и 7 распоредот ќе се одредува според опфатот (на прво место ќе бидат сервисите на државно ниво, по кои ќе бидат тие на ниво во зона на распределба), а втор критериум ќе биде уделот што го заземаат од гледноста, при што ќе се почитуваат официјалните податоци од анализата на пазарот на СРД

Андријана Станојовска

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1