Последиците од опасниот метил акрилат можеби ќе останеа мистерија доколку не се случеше инцидентот во Охис. Какви тајни кријат дотраените погони никој никогаш не се осмели да открие.
За некогашниот хемиски гигант остана епитетот на црна темпирана бомба која со години се треби од токсичните супстанци. Само метилот, стациониран во три од десетиците резервоари во погонот, се чисти од февруари годинава. Бурињата со хлор неодамна се извезени во Србија. Остануваат уште 11 други отрови, барем како што тврдат властите, кои чекаат да бидат превезени во Швајцарија за да се уништат.
Но, невладините предупредуваат на игра со бројки со кои се залажува јавноста за тоа што кријат закоравените цистерни.
„Дел од информациите, дел од анализите и наодите не излегоа никогаш во јавноста што беше пронајдено во понатамошните контролни бушотини од каде што се земаа мостри од подземна вода, каде што сите тие бунари покажуваа загадуваност од повеќе типови на загадувачи, не само од линдан, не само од жива и од овие 11 присутни.“
На територијата на поранешната фабрика ОХИС со големина од еден хектар, освен илјадници тони канцероген линдан, складирани се и други отровни хемикалии на кои мора итно да им се најде чаре, велат за „Мета“, од неколку надлежни институции.
Во ОХИС има жива, други пестициди, киселини и ПВЦ во прав, вели за „Мета“, Аднан Ќахил, кој до неодамна беше министер без ресор во владата на Зоран Заев.
-Во ОХИС има многу отровни супстанци, има жива, има монохлороцетна киселина има пестициди, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери, ПВЦ во прав и многу други супстанци, постои цела листа на хемикалии кои ги има ОХИС. Фабриката одамна е престаната со работа. Дали се соодветно складирани не знам затоа што не сум имал можност да влезам да видам и проверам. Верувам дека се, но доброто складирано не значи дека не треба да се отстрани, можно е да пукне, да протече – вели Ќахил.
Дека има жива, која е високо токсична, потврдува и Сузана Андонова од канцеларијата за ПОПс при Министерството за животна средина.
-Има жива во делот каде што бил погонот за електролиза. И живата исто така ќе биде предмет на идно чистење, а технологијата што ќе се одбере за чистење на лиданот ако може да се искористи за живата би било добро. Нема точни истражувања колкава е количината на жива што ја има таму, но има слики каде што се гледаат цели локви од жива што значи на отворено таа испарува цело време – вели Андонова.