Охриѓанецот Мухамед З. е третото осомничено лице за терористичкиот напад во кој пред пет дена беа убиени двајца полицајци и цивил во местото Нигде, Турција
Мухамед З. македонски државјанин на возраст од 18 години и четири месеци, учел медреса во Тирана. Првпат за Сирија заминал во 2011-та година и според податоци на безбедносните служби неколку пати одел и се враќал од фронтот.
Групата била дел од радикалните структури блиски на Ал Каеда, потврдила турската полиција. Во камионот со кој се враќале од Сирија носеле три пушки, пиштоли, гранати и воена опрема. Во полицајците пукал Косовецот Чендрим Рамадани, кој имал и швајцарски пасош. Пред суд изјавил дека нападот го извеле во име на Алах и затоа што Турција е дел од НАТО.
По нападот турските медиуми јавија дека го извршиле тројца Албанци, двајца од Албанија и еден Косовец. Албанското Министерство за внатрешни работи демантираше дека се албански државјани.