Објавена е првата фотографија од момчето коешто е осомничено дека брутално ја убило шведската работничка во центарот за згрижување на мигранти, Александра Мезер.
Станува збор за 15-годишниот Сомалиец Јусаф Калиф Нур, кој се појавил во судницата во Гетеборг. Нур во судницата се појавил облечен во маица, кошула и фармерки, а преку главата имал префрлено ќебе.
Судијата Хенрик Андерсон го прашал осомничениот: „Дали вие сте Јусаф Калиф Нур“, на што тој одговорил потврдно. На прашањето дали сака да даде изјава по повод обвинението за убиство, неговиот адвокат Никлас Унгер одговорил:
– Мојот клиент не сака да се изјаснува на кој било начин во врска со обвиненијата –рекол Унгер.
Сослушувањето потоа е продолжено зад затворени врати, а Нур потоа е однесен во притвор, којшто му е одреден до 11 февруари.
Младиот азилант со нож ја убил работничката во Центарот за бегалци во Шведска. Жртва е 22-годишната девојка Александара Мезер, со потекло од Либан, а мотивите за злосторството сè уште не се јасни. Нападот се случил во осум часот наутро во центарот за мигранти. Вработените во прифатилиштето морале да го држат напаѓачот додека да пристигне полицијата.
Нападот се случил во време кога шведскиот комесар за полиција, Дан Елијасен, бара бројот на полицајци и помошниот персонал да се зголеми за 4.100, за да се помогне во борбата против тероризмот, депортацијата на мигрантите и за одржување на центарот за азиланти.
– Принудени сме да одговараме на многу нарушувања на редот во центрите за прием на азиланти. Во некои места, за тоа се потребни значајни полициски ресурси. Тоа не беше така пред шест месеци и тоа значи дека нема да бидеме во можност ефикасно да дејствуваме во други области – рекол Елијасон.
Лејла Филиповиќ, најдобрата пријателка на 22-годишната Александра Мезер, која смртно ја избоде 15-годишниот азилант во центарот за бегалци во Шведска, ја опишала жртвата како „вистински ангел“.
Родителите на Александра Мезер, со кои Швеѓанката со либанско потекло, живеела во близина на градот Молндал, сè уште се во шок.