Автобусот на ЈСП бил во исправна состојба и со сопирачки кои функционирале како нови. Возачот на автобусот кој вчера наутро се преврте во Драчево пред камерата на Сител сведочи за несреќата во која беа повредени педесетина патници.
61 годишниот Драги Весковски вели дека не возел брзо, но кога еден од патниците побарал да слезе, во моментот кога го запирал автобусот изгубил контрола и излетал од патот.
-Свика една жена за излез и јас нормално си променувам брзини од поголема во помала и благо кочење и од еднаш ме исфрли автобусот лево и рипна на тротоар, дали по самата инерција патниците се исплашиле и отишле лево и се преврте автобусот, вели шоферот и додава дека возел со нормална брзина.
Стандардна пракса била линијата 67 во раните утрински часови да се вози со старите автобуси, вели Весковски. Пред камерата на Сител патниците во автобусот вчера сведочеа дека добиле предупредување од возачот за неисправни кочници.
Возачот ја демантираше оваа информација, а за техничката состојба сведочеше и бригадирот кој еден ден претходно извршил целосна контрола на автобусот.
Директорот на претпријатието Мишо Николов побара од патниците но и од јавноста да не донесуваат избрзани заклучоци, туку да се чека на официјалниот извештај од истрагата на МВР.
Инаку веднаш по несреќата полесно повредените патници реагирале и заедно со случајните минувачи ги ваделе потешко повредените. Само две лица беа со тешки телесни повреди но надвор од животна опасност.
Истрагата треба во следните денови треба да ги покаже точните причини за несреќата.