Поранешниот градоначалник на Ново Село излезе од затвор


Поранешниот градоначалник на Ново Село Боро Стојчев кој беше осуден за шверц на цигари излезе од затвор. Наместо шест тој одлежа пет месеци казна затвор.Стојчев излегува месец дена порано поради доброто однесување, можност која му ја дава законот за извршување на санкции.

Веста дека тој денеска го напуштил затворот во Струмица ја потврди и директорот на оваа институција кој информираше дека Стојчев од затвор излегол еден месец порано, бидејќи имал примерно однесување и според член 206 од Законот за извршување на санкции директорот на затворот може да му одобри 30 денови скратување на казната.

Сега веќе поранешниот градоначалник на општина Ново Село во јули годинава од струмичкиот суд првично беше осуден на 18 месеци казна затвор. По жалбата од страна на неговата одбрана Апелациониот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.

Пред нешто повеќе од еден месец Стојчев си поднесе неотповиклива оставка од функцијата прв човек на општина Ново Село. Во писмената изјава тој напишал дека оставката ја поднесува од морални причини. На вчерашната седница оставката била констатирана и од страна на владата и во најскоро време со одлука на Собранието и ДИК треба да бидат распишани избори во оваа општина за градоначалник.

Боро Стојчев стана актуелен во јавноста откако во јули оваа година полицијата го фати во обид преку див граничен премин на македонско бугарската граница да прошверцува поголема количина цигари.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1