Татко ми ме направи инвалид за половина килограм шеќер, беа првите зборови на Киро Оџаклиев од населбата Лисиче во исповедот за весникот Нова Македонија. преку оглас во весник „бара помош и добри газди за да заработи за парче леб“ напишал дека живее во надеж дека на овој свет сѐ уште има добри луѓе.
– Што да правам. Гладен сум, морам да работам. Но никој не се јавува на огласот. Ете, овде живеам. Тоа ми остана од мојата 45-годишна работа. Студено е. И на минус 30 греалката ќе ја вклучам само на една прачка. Не смеам повеќе, не можам да ја платам струјата – кажува Кире.
Ги симнува панталоните и ги покажува белезите од операциите на двата колка.
– Еве што ми остави мојот татко. На дванаесет години добив ќотек од него што го паметам цел живот. Татко ми донесе пет вреќи шеќер и ги скри во шупата. Си играв како дете и ги најдов вреќите. Џебовите ги наполнив со коцките шеќерчиња и излегов на улицата. Им раздадов на другарчињата. Кога виде татко ми почна да ме тепа. Ме удираше секаде со раце. Паднав на земја, а тој продолжи со ќотекот. Почна да ме клоца. Удираше секаде по телото. Носеше чевли со шпицови и тврди ѓонови. И заврши работа. Ме повреди во колкот, кој собра вода и почнаа моите маки во животот – ни рече Киро, со што ја почна својата животна приказна.
По тешкото детство се вработува во една загрепска фирма како молер. Почнал да заработува и купил барака во Шуто Оризари во Скопје во 1978 година, но животот повторно му се искомплицирал. Повторно морал на операција.
– Кога виде до каде е работата газдата ми исплати пет плати како аванс и ми рече: „Кире, ти не ќе можеш да се вратиш на работа“.
Повеќе прочитајте на Нова Македонија