Еден од ДНК профилите откриени во возилото „опел омега“ што беше пронајдено по петкратното убиство кај Смилковско езеро му припаѓа на Алил Демири, кажа на денешното рочиште за „Монструм“ второто вешто лице, кое даваше исказ во Кривичниот суд.
Тој, исто така, е биолог кој работел на вештачењето на „опел омегата“. Од 2007 година е директор на лабораторијата за ДНК анализи при МВР и објасни дека лабораторијата секоја година се акредитира.
Го потврди исказот на претходниот вештак дека се откриени четири ДНК профили. Посочи дека по извршената анализа со дата базата дојдено е до заклучок дека ДНК профилот на Алил Демири е идентичен со ДНК профилот на задното десно седиште од возилото.
Веројатноста на форензичкото поклопување е таква што 99,9999999998% од останатата светската популација се исклучува од можноста да биде донор на овој ДНК профил.
– Сметам дека не е можно на каков било начин при вештачењето да се направи манипулација на ДНК профилите, рече вештакот.
На почетокот на денешното рочиште обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово.