Професорка по психологија Норма Патриша Еспарза(39) е уапсена под сомневање дека пред 18 години учествувала во свирепо убиство на човекот кој наводно ја силувал.
Обвинителството во Лос Анџелес тврди дека Еспарза, која предава на Универзитетот „Вебстер“ во Женева, во 1995 година организирала грабеж, претепување и убиство на Гонзал Рамирез.
Еспарза, која е мажена и има четиригодишно девојче, во четвртокот со лисици на рацете е однесена во притвор од судницата откако одби спогодба што би и овозможила да биде обвинета за „убиство без умисла“, како полесно кривично дело.
– Бараат да признам вина за нешто, за што и самите знаат дека не сум го сторила – изјави таа.
Еспарза, која е обвинета со уште три други лица, наводно го запознала Рамирез во еден ноќен клуб во Санта Ана, јужно од Лос Анџелес. Тој и понудил со неговиот автомобил да ја врати дома, а кога влегле во нејзината студентска соба, тој ја силувал.
Но, таа не пријавила во полиција. Му кажала само на своето момче Џани Антонијо Ван, кое се разбеснило и после една недела со уште тројца другари, го нашле Рамирез во еден бар. Го следеле, удирале по неговиот автомобил, го грабнале, претепале, го исечеле со сатар и го фрлиле покрај пат.
По само неколку денови, Еспарза се омажила за Ван и, како што кажала, постојано живеела во страв од него и од неговите другари, кои верувале дека бракот ќе ја спречи да сведочи против нив. Се развела во 2004 година.
Судењето продолжува на 23 декември.









