Родилката била добро по породувањето, починала неколку часа подоцна


Ноќеска, околу 1:50 часот на Гинеколошкото одделение во прилепската градска болница „Борка Талески“ од засега непознати причини почина 21-годишната родилка С.Б. од прилепското село Беровци. Детето е во добра здравствена состојба.

Според директорот на болницата Петар Ристески, родилката е примена вчера околу 10 часот со симптоми за раѓање. Се породила околу 13 часот и се било во ред.pp-bolnica5-640x351 (1)

– Родилката се породи вчера, во 13:43 часот. Спонтано е родено здраво машко дете од 3.170 килограми. Пациентката по породувањето е во добра општа состојба и е префрлена на акушерскиот оддел. Но, во 19:15 часот и се влошува состојбата со силни болки. Веднаш е префрлена на Одделот за интензивна нега и реанимација. Направена е опсежна реанимација, според сите стандарди и протоколи. Ангажирани се четворица гинеколози, двајца анестезиолози и уролог. Но, за жал, во 1:50 часот по полноќ, пациентката почина, рече Ристески на денешната прес-конференција.

За случајот се известени Основното јавно обвинителство, полицијата и Министерството за здравство.

Чичкото на Симона, Томислав Ристески смета дека се работи за невнимание на докторите.

– Кога се породила се било во ред. Но, ние девојчето го загубивме од невнимание на докторите. Отишле да земаат доктори од Битола, обвини Ристески.

Стрината на починатата родилка, Славица Ристеска рече дека се било во ред со бременоста и со породувањето.

– Кога се видовме по породувањето, рече дека се било нормално и во ред. Само малку ја болел стомакот. Рековме дека тоа е вообичаено. Сестрите не предупредија да бидеме тивки зашто докторите се одморале. Подоцна ни јавија дека многу искрварила. Тоа крварење е зашто немало никој од дежурните да ја види. Бараме правда, да се реши ова, рече Ристеска.

Основниот јавен обвинител Дамчо Кочоски информира дека наредена е обдукција за да се утврдат причините за смртта на 21-годишната родилка. Ова и било второ породување. Пред три години родила девојче.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1