Во екот на кризата со Украина, шефот на Кремљ Владимир Путин наредил проверка на борбената готовност на руската армија стационирана во западниот дел од земјата, кон соседната кризна држава.
Во проверката е вклучена и авијацијата, изјавил рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за агенцијата Интерфакс. Проверката ќе ја опфаќа подготвеноста за реакција на кризни ситуации и на воена загрозеност на државата, рекол Шојгу.
Маневрите ќе бидат вршени во две етапи и ќе почнат веднаш, а ќе траат до 3. март. Путин и минатите години краткорочно донесуваше одлуки за воени маневри.
Американскиот државен секретар Џон Кери и британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг оцениле дека Украина не е и не треба да биде бојно поле на кое ќе се судрат Западот и Истокот, апелирајќи за поддршка за Украинците по смената на украинскиот претседател Виктор Јанукович.