Македонски државјанин кој имал фирма за одржување лифтови, пред два дена во соседна Грција купил расклопен лифт и, за да избегне плаќање на царински и даночни давачки, решил илегално да го внесе во земјава. Вредноста на лифтот е проценета на околу еден милион денари.
Расклопениот лифт го натоварил во камион кој го возел грчки камионџија. Возачот успеал незабележано да им мине на грчките цариници, но кога дошол на царинската контрола на „Богородица“ идејата му пропаднала.
При проверката на приложените документи, била утврдена разлика од над четири тони меѓу измерената маса на возилото со товарот и масата наведена во документите, бил извршен детален преглед на возилото, при што биле пронајдени 11 палети со делови од комплетен лифт.










