Земјите-членки на Европска унија се договорија во јуни да покренат поморска операција против трговците со луѓе, одговорни за приливот на имигранти преку Средоземно Море во Европа, соопшти денеска шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
Седиштето на новата поморска мисија против трговците со луѓе ќе биде во Рим, а ќе ја предводи италијанскиот адмирал Енрико Кредандино. Советот за безбедност на Обединети нации треба со резолуција да ја поддржи воената акција.
Во оваа досега невидена операција ќе учествуваат воени бродови и извиднички авиони на европската војска во морето покрај крајбрежјето на Либија која прерасна во една од најголемите транзитни точки за имигрантите кои сакаат да стигнат до тлото на Европа.
Франција, Велика Британија, Италија, Германија и Шпанија веќе ветија дека ќе дадат свои бродови, додека Полска и Словенија ќе испратат извиднички авиони или хеликоптери, наведуваат дипломатски извори.