Несовесни граѓани завчера попладнето биле фатени на дело додека откорнувале цвеќиња од јавното зеленило на булеварот Партизански одреди во Kарпош 3, кај ТЦ „Лептокарија“. Случајот е пријавен во полиција, а против едно лице ќе биде покрената прекршочна пријава.
Градоначалникот на Општина Kарпош, Стевчо Јакимовски, вчера изјави дека се работи за верска секта, која по завршените обреди и пеење, се впушта во кражба на цвеќиња.
– Се собираат во стан во Kарпош 4, кој е изнајмен од една госпоѓа со американско државјанство, која им е пасторка, односно, раководи со сектата. Станарите од зградата велат дека по завршувањето на обредот и пеењето, тие со комбе атакуваат на цветните површини – изјави Јакимовски.
Тој додаде дека лично фатил еден од нив како откорнува цвеќиња.
– Беа откорнати 7-8 цвеќиња. Тој беше со комбе и кога го отвори во него најдовме цвеќиња. Веднаш беше повикана полицијата – раскажа градоначалникот Јакимовски.
Од СВР Скопје потврдија дека е пријавена кражба на цвеќиња, што е казниво според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир – глоба од 100 до 400 евра.
Дневник