Славје во Египет – Генерал, нобеловец и папа ја презедоа власта


Армијата на Египет го суспендираше уставот и ја презеде целата власт во свои раце во обид да спречи уште покрвав епилог на уличните судири на милиони демонстранти поделени во две спротивставени групи во Каиро и во другите градови низ земјата.

3-egipet1

Генералот Абдул Фатах ал-Сиси, во телевизиско обраќање до народот порача дека Уставниот суд ќе ги презеде претседателските обврски, а војската ќе се обиде да воспостави ред и мир.

Генералот Ал-Сиси објави дека Уставот на Египет е суспендиран

Повеќе од 1 милион луѓе што протестираа против власта на Морси на централниот каирски плоштад Тахрир, ја поздравија одлуката на генералот со овации.

 Во низа судири на спротивставените групи во изминатите три дена загинаа десетици луѓе. Ситуацијата сè уште е напната зашто демонстрантите не се повлекле во домовите – едните ја слават „победата“, а другите не сакаат да го признаат „поразот“. Војската го засили своето присуство пред виталните објекти.

– Тој ја предаде револуцијата, ги изневери Египќаните и ги уапси сите што кренаа глас против него. Тој си мисли дека само тој може да го напише Уставот, дека само тој може да го штити парламентот, да назначува гувернери според сопствената волја… Си мисли дека сè е негово – вели за Морси, Амал Шараф, еден од основачите на Младинското движење 6. април, една од првите револуционерни групи во Египет.

egypt-3.si

Сè уште нема ни детали кои лица ќе ги преземат главните функции но се претпоставува дека одговорноста ќе ја преземат двајцата што дадоа изјави веднаш по генералот Ал-Сиси – опозицискиот лидер, нобеловецот Мохамед Елбарадеи, како и коптскиот папа Тавардос Втори. Елбарадеи изјави дека ќе биде изготвен план за национално помирување, како круна на револуцијата што почна во јануари 2011 година, кога со слични масовни демонстрации беше соборен режимот на Хосни Мубарак.

Откако беше избран за претседател на 1 јуни минатата година, Морси подготви нов Устав на Египет, наспроти критиките и бојкотот од водачите на либералните, левичарските и малцинските групи. Потоа усвои одредба со која си даде повисока моќ од судот „за да го заштити новиот Устав од судовите“. Својата моќ во изминатата година ја штитеше со приведување на новинари и политичари што го критикуваа.

Последиците од ваквата власт почнаа да ги чувствуваат сите граѓани, не само критичарите на Морси. Во изминатите неколку месеци почнаа рестрикции на струја, дури и во Каиро, а од пред три недели нема доволно бензин. Морси вели дека тоа е последица на илегалната продажба на црниот пазар, но критичарите тврдат дека вистинската причина е одлуката на властите да ја држат ненормално ниска цената на бензинот (по околу 7 денари за литар), поради што државата мора уште повеќе да се задолжува и повеќе не може да ги исплаќа ратите.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1