Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот, предвидува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, што го усвои Собранието на вчерашната седница.
Таквата обврската не се однесува за возачите на запрежни возила и велосипедистите кога запрежното возило односно велосипедот го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост.
На возачите кои постапуваат спротивно на ова ќе им биде изречен мандатен платен налог со глоба во износ од 15 евра дење, а 35 евра ноќе во денарска противвредност во мандатна постапка, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода.
Ако на запрежното возило едно светло се наоѓа на предната страна, а друго на задната страна, тие задолжително треба да бидат поставени на надолжната оска на возилото и за одбележување на левата страна на неговата лева страна, а ако на запрежното возило се наоѓа само една светилка, таа задолжително треба да биде поставена на левата страна на возилото. На запрежното возило задолжително треба да има два катадиоптeри со црвена боја на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.
Според Законот, на велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна. На велосипедист кој постапува спротивно на таа одредба ќе му се изрече прекршочен платен налог од 50 евра во денарска противвредност.
По исклучок од одредбите од членот 86 од овој закон, обврската за задолжителна употреба на запалени светла не се однесува на возило што е запрено или паркирано на осветлен дел од патот, така што јасно може да се гледа од доволна оддалеченост, возило што е запрено или паркирано на посебено определени места на коловозот или надвор од него или на улици со послаб сообраќај и велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четрицикл – кога се запрени или паркирани во населено место, покрај самиот раб на коловозот.
Светлата за означување на моторно возило, задолжително се употребуваат во условите од членот 86 и во услови на намалена видливост кога возилото е запрено или паркирано на пат. Светлата за означување на моторно возило, задолжително треба да бидат запалени за време додека се запалени кои и да било светла за осветлување на патот или посебни светла за магла.
На возачот кој нема да ги почитува тие одредби ќе му се издадем мандатен платен налог со глоба од 35 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода.
Во магла, возачот на моторно возило, задолжително треба да ги има запалено соборените светла за осветлување на патот или светлата за магла или двете светла истовремено. Светлата за магла можат да се употребуваат само во услови на магла или во случај на намалена видливост. Светлата за магла што се наоѓаат на предната страна на возилото задолжително треба да бидат во бела или жолта боја, а на задната страна со црвена боја. Мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член.