А се почна на 9 ти август 2007 година кога француската банка БНП Парибас изјави дека инвеститорите нема да можат да ги преземат парите од нивните фондови.
Вложувачите не беа во можност да преземаат пари затоа што поради загубената ликвидност не беше возможно да се вреднува нивниот имот.
Тоа беше јасен сигнал дека банките одбиваат меѓусебна соработка, исплашени од турбуленции што би значеле пропаст за клиентите.
Пет години подоцна, лек од оваа „чума“ нема! Шпанија стои на работ, Италија и Словенија го издишуваат последниот воздух пред давење, а за крај на кризата не сакаат да зборуваат ниту „вечните“ оптимисти.
Еден месец по случајот со БНП, штедачи во британската банка „Northern Rock“ повлекоа милијарда фунти за само еден ден. Ваквиот чекор следува по објавувањето на BBC дека Банката на Англија дала итна подршка на непозната Банка.
Неколку денови подоцна централната банка инјектирала 10 милијарди фунти во ликвидноста на пазарите.
17-ти март 2008 година, ЈП Морган на чело со Димон го купува „Bear Stearns“ за само 240 милиони долари, со попуст од 17,75 милијарди долари во однос на неговата вредност од претходната година.
15-ти септември 2008 година. Инвестициската банка „Lehman Brothers“ објавува стечај по губитокот од 3,9 милијарди долари.
13-ти октомври 2008 година. Британската влада објави дека ги рекапитализира „HBOS“ и „Roial Bank of Scotland“ потег што подоцна стана популарен како „bailout“. Следниот ден американската влада претставува сличен план за своите банки.
11-ти декември 2008 година. „Bank of America“ објавува дека е приморана да отпушти 35.000 свои вработени.
5-ти март 2009 година. „Bank of England“ најавува политика на квантитативно ублажување на купување обврзници. Четири дена подоцна FTSE 100 падна на шестгодишно најниско рамниште од 3460.
11-ти април 2010 година. Пазарите почнаа да се плашат дека презадолжената Грција нема да може да го врати својот долг. Набрзо стана јасно дека финансиската помош од 30 милијарди евра нема да е доволна, бидејќи Грција е во подлабока „кал“ од првичните претпоставки.
Набрзо беше договорен план Б, односно финансиска инјекција од дури 110 милијарди евра. Една година подоцна се додаваат уште 155 милијарди. Но паралелно станува јасно дека ваков проблем се јавува и во Ирска и Португалија, што значи и таму е потребна финансиска помош.
Како што растеше загриженоста во еврозоната, ЕУ реши да воспостави траен фонд за финансиска помош.
8-ми август 2012 година. Шпанските приноси од обрвзниците и понатаму се опасно високи, откако банкарскиот систем на оваа земја претрпи огромни загуби, што пак ја однесе земјата на самиот раб.
Кризата останува прашање за кое светот нема одговор!