Татко со лисици – траума за цел живот


Деца плачат – слика пред судот што предизвика емоции, но и недоумица дали децата ги донесоа да ги видат татковците или, пак, можеби да се предизвика медиумско внимание, што и во двата случаи остава трајни последици кај децата.

Превземено од Нова Македонија

Автор: Кристина Мачкиќ

Најмасовниот судски процес во државава во понеделникот почна со тензии и драматични слики на мајки и деца што плачат по своите сопрузи и татковци. Драмата се одвиваше пред Врховниот суд, каде што со полициски комбиња беа носени мажи, вработени на македонските патарини, обвинети за малверзации со пари од наплата. Според прописите за спровод на притворени лица, сите беа со лисици на рацете. Како кое комбе ќе се приближеше до судот неколку мајки со децата за рака трчаа до комбето и викаа:

„Дајте да го видиме. Оставете го да го види детето, шест месеци не го видел“. Се расправаа со полицајците од спроводот и ги молеа на неколку минути да застанат таткото да го гушне детето. Но полицајците не го дозволија тоа и мајките почнаа жестока кавга.

Децата во тие моменти се исплашија и почнаа да плачат. Неколку жени се обидоа да ги смират, но тоа тешко им одеше. Ваквата слика пред судот предизвика многу емоции кај присутните, но сепак најтешко го поднесоа децата. Многумина беа во недоумица дали родителите ги донесоа децата да ги видат татковците или, пак, можеби адвокатите ги поучија дека така ќе се предизвикаат медиумско внимание и интерес на јавноста. Во медиумите токму драмата пред судот, наместо самиoт процес, беше централна тема.

Родителски манипулации

Колку ваква драма може да влијае на психата на едно дете анализира м-р Ана Чучкова, социјален и судски психолог.
– Јавна манипулација, како што е случајот со користење на децата пред медиумите за убедување на народот за невиноста на родителите, треба да биде остро осудена од сите институции за заштита на правата на децата. Ваков тип манипулација може да доведе до сериозни трауми и психички последици кај децата – вели Чучкова.

Таа појаснува дека родители обидувајќи се да остварат одредени свои цели многу често се случува да манипулираат со своите деца. Многу ретко во моментот на манипулација тие се свесни за ова и доколку директно им се каже дека манипулираат користејќи ги децата, тие бурно ќе изложат многу аргументи против. Нивната вистина секогаш е посилна од тоа да можат да признаат дека манипулираат преку децата.

– Искуството покажува многу примери за ваков тип манипулација. Често се случува едниот родител да го користи детето во различни ситуации, сакајќи да манипулира со другиот партнер. Но сепак оваа манипулација, која се одвива во затворени рамки т.е. во кругот на семејството, е тешко да се докаже или објасни – вели Чучкова.

Но експертите тврдат дека последиците може да се појават подоцна во развојот кај детето.
– Кај искористените и изманипулирани деца од своите родители се појавува чувство на вина, која, пак, следствено води до несигурност, недоверба, тешкотии во формирање стабилни односи со пријатели и интимни партнери. Ова се само еден мал дел последици. Траумите што се запечатуваат како слики во детското сознание може да бидат најтешки во претставата на детето за својот родител. Целата слика изградена дотогаш може да биде заменета со сосема нова, односно родителот според него може да е жртва, беспомошен, несигурен. Детето може да почне да се прашува „како ќе ме заштити мене ако тој сам не може да се заштити“ – детално анализира и појаснува м-р Чучкова.

И децата чувствуваат гнев

Таа дополнува дека кај децата редовно се појавуваат недоверба и многу често лутина кон самиот родител, која пак понатаму резултира со неконтролиран гнев и агресија не само кон родителот туку и кон околината. Моралните вредности кај детето почнуваат да добиваат искривена вредност.

Ова е прв случај пред судот да бидат доведени мали деца за да си ги видат татковците и да се случи ваква семејна драма пред затворско комбе. Во судовите можело да се видат малолетни деца, дури и доенчиња.

Но тоа биле најчесто Роми што немале каде да ги остават бебињата, па некои мајки дури и по ходниците од судот ги доеле. Секогаш судската полиција со крајно внимание ги отстранувала од судот, но овој пат ниту редовната и судската полиција едноставно не реагираа оти не знаеја како.

Автор:

Кристина Мачкиќ

Tags: , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1