Трагедијата што ги скрши скопјани: Седумгодишно дете засекогаш остана да сонува под урнатините


Скопје се сеќава и никако нема да го заборави кобното јулско утро што му зададе огромна болка на Скопје и скопјани. Тоа утро со себе носи врежано тажни слики и спомени од тоа време кои и по педесет и четири години не стивнуваат. Во пресрет на скопскиот земјотрес овие денови ќе се потсетиме на едни од најемотивните потресни приказни.

Од улиците каде што нај веќе настрадаа луѓе некаде во историјата запишана е и улицата „Орце Николов“, на таа улица се случувало токму оваа за жал тажна приказна, утрото на 26 јули 1963-та година.

По првите силни удари, под урнатините на куќата останало три членото семејство: таткото, мајката и седумгодишниот син. Поради поместување на почвата, се нашле изолирани меѓусебно. По стивнувањето на ударите и бучавата, започнале да бараат помош секој посебно. Така дознале еден за друг дека се живи, дека се во непосредна близина, но разделени со урнатините.

Таткото упорно ги тешел своите најблиски дека спасителите се близу и дека треба храбро да издржат. Се слушал повикот за помош на мајката, плачот на детето и гласот на таткото. Спасителите ги засилиле расчистувањата, со голема надеж дека семејството кое давало знаци на живот, ќе биде спасено. Но, понатамошната трагедија започнала да се одвива постепено и надвор од очекувањата на спасителите.

Најпрвин, замолкнал гласот на мајката. Од просторијата каде што таа се наоѓала, завладеала тишина. Мајката веќе не одговарала на повиците ниту на детето, ниту на таткото. Веќе била почината. За да не дојде до избезуменост кај синот, таткото постојано го тешел и му зборувал дека мајка му е многу уморна и дека заспала, дека ја совладал сонот.

Откако детето малку се потсмирило, почуствувало голема жед. Се слушале гласовите и ударите на спасителите кои биле се поблиску до нив. Но, каде тие биле точно и дали затрупаните ќе можат да се одржат во живот до нивното доаѓање?

Детето повторно започнало да плаче, велејќи дека е многу жедно. Таткото му го дал единствениот совет кој во тие тешки мигови бил можен, за да се спаси животот на синот: да пие од сопствената урина. Детето го послушало, и за извесно време повторно се смирило, давајќи и понатаму знаци на живот.

Спасителите биле се поблиску до просторот каде што се наоѓал таткото. Кога стигнале до него, го извадиле од под урнатините. Расчистувањата продолжиле со уште посилно темпо и со уште повеќе луѓе. Таткото ги известил дека неговото синче е долу и дека се уште дава знаци на живот. По долгите, неизвесни моменти при расчистувањето, спасителите биле попречени да напредуваат од голема бетонска плоча. Оздола ги довикувало детето, биле на чекор од него, и од неговото спасување. Со големи напори и употреба на човечка сила, успеале да ја поместат плочата. Низ процепот се гледало детето. Но, отворот бил премал за тоа да може да излезе. Единствено решение било: да се донесе механизација и со помош на челична сајла да се крене плочата.

Така и било сторено. Плочата била прицврстена за челичната сајла и започнале да ја креваат. Се создал уште поголем отвор. Детото веќе било подготвено да излезе, таткото ја подал раката кон него за да го извлече. Процепот сепак бил недоволен, било потребно уште сосема мало подигање на плочата. Забрмчеле повторно моторите, сајлата со бетонот повторно започнала да се крева и токму во мигот кога синот требало да биде спасен, да излезе на површината, сајлата од механизацијата се скинала! Во тој трагичен, непредвидлив миг, бетонската плоча засекогаш го потиснала детето под урнатините.

Така, катастрофата одзеде уште еден млад човечки живот, при самиот миг на неговото конечно спасување.

Курир.мк

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1