Триесет и девет пратеници од минатиот состав побарале апанажа


Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ги разгледува поднесените 39 барања за остварување на правото на плата по престанок на функцијата пратеник.

Според последните измени на Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица и измените на Законот за пратеници од јули 2014, пратениците и другите функционери нема да можат да користат апанажа една година како претходно, туку според времетраењето на мандатот.

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до една година, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Исто така, со законот се предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеци, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.

За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци. Правото на апанажа може да престане доколку поранешниот пратеник стекне право на пензија, кога тој ќе побара, кога ќе се вработи и ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата.

Ова право може да престане доколку лицата се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието на Република Македонија. Поранешните пратеници ќе имаат право и надоместок и за време на годишниот одмор.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1