Заменичката на државен обвинител на Црна Гора, Ромина Влаховиќ, беше фатена во кражба на скапи креми за лице во еден козметички дуќан во центарот на Подгорица.Вработените во дуќанот ја начекале Влаховиќ како скапата козметика ја става во амбалажа од поевтините за помалку да плати, објави „Побједа“.
Сопственикот и вработените прво го забележале „вишокот“ на евтините помади во амбалажа од поскапите. За да ја одгатнат чудната појава, инсталирале камери, кои ја регистрирале обвинителката како ги „препакува“ помадите.
Во обвинителството потврдиле дека случајот е пријавен и кажале дека Влаховиќ ќе биде сослушана во својство на граѓанин.
– Засега, обвинителството не решило како ќе го квалификува кривичното дело. Постои дилема дали станува збор за грабеж или за измама – изјавила основната обвинителка Љиљана Кликовац.